Владата донесе одлука за ребаланс на Буџетот, со цел да се обезбедат пари за зголемување од 10 % на платите во образованието и градинките. Извести дека е формирана работна група во која се вклучени вицеперемиерот Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за образование и наука Јетон Шакири, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, да отпочнат процес за преговори за колективен договор со репрезентативниот синдикат и за методологија за континуиран раст на платите во јавниот сектор.
Владата воедно ги задолжила Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да ги преземат сите чекори за одржување настава во основното и средното образование, и згрижувањето на децата во градинките согласно уставно загарантираното право за образование и за предучилишна грижа на децата и согласно законски утврдените одредби за одвивање на настава во услови на штрајк.
-Владата ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да обезбедат исплата на платите согласно законските одредби во услови на штрајк. Владата ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да достават информација до Владата за одговорот на СОНК во врска со овие заклучоци, како и да побара писмено известување врз основа на кој правен акт е прекината наставата во основните и средните училишта и врз основа на кој законски акт персоналот на предучилишните установи одбиваат да ги примат децата, се истакнува во соопштението.
Владата ги повикува раководителите на образовните институции, наставниците и воспитувачите во предшколските установи да продолжат со наставата, учениците да се вратат во училиштата, а родителите да продолжат да ги носат децата во градинките.
Претходно денеска, претседателот на СОНК Јаким Неделков потврди дека денеска разговарал телефонски со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, но, немало конкретен договор што би довело до прекин на штрајкот во училиштата и градинките и нов процент на покачување на платите од веќе понудените 10 отсто.