На вчерашната седница Владата донесе повеќе одлуки меѓу кои одлуки повразни со исплатата на пензии и социјална помош на депонентите на Еуростандард банка, како и на оние што тоа го правеа преку Пошта. Дел од одлуките на владата се однесуваат на четвртиот пакет на мерки за надминување на кризата.
Работодавачите ќе добиваат пари од Владата за родителите што не одат на работа
Владата донесе заклучок да се разгледа можноста да се обезбеди финансиска поддршка за работодавачите, преку Фондот за здравствено осигурување, или преку нов пакет на економски мерки, за родителите на деца кои се запишани во училиште и се до 10-годишна возраст, а во моментот се ослободени од работа и работни активности преку користење на мерките донесени од страна на Владата, имајќи предвид дека тие ќе останат дома доколку нивните деца следат он-лајн настава.
За реализација на оваа мерка, Владата ги задолжи Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Министерството за информатичко општество и администрација, да ги разгледаат можностите да се предвиди и извршување на работа со скратено работно време или работа во смена за оваа категорија на лица кои во овој момент се ослободени од извршување на работа и работни активности со физичко присуство на работното место.
Нови картички и ваучери
Владата ги задолжи надлежните институции да утврдат решенија за остварување на правото за домашна платежна картичка, односно ваучер за туризам, за секој граѓанин што ги исполнува условите. Овие решенија треба да се земат предвид при креирање на четвртиот пакет на економски мерки. Ова е резултат на поплаките на граѓаните и отворените прашања поврзани со имплементација на мерката за домашни платежни картички и ваучери за туризам, информираше Владата.