Во вторник на владина седница ќе помине договорот со банките кој приватниот сектор го чека со месеци. Премиерот Христијан Мицкоски и натаму уверува дека нема застој во целата процедура, иако банките повеќе од еден месец немаат добиено ништо црно на бело, туку само устен договор.

– Ги повикувам сите економски оператори кои се заинтересирани да ги користат средствата од овој кредит да аплицираат и од комерцијалните банки да го добијат овој кредит.

Но, сепак тоа не значи дека парите веднаш ќе им легнат на сметките на компаниите кои ќе алицираат за дел од колачот вреден 250 милиони евра. Информациите кои ТВ 24 ги доби од банкарскиот сектор велат дека одобрувањето на пари за еден кредит може да биде процедура која трае од неколку дена па се до еден месец. Банкарите со кои разговаравме а сакаа да останат анонимни велат дека во процесот на кредитирање од поднесување на барање па се до исплата е различен во секој поединечен случај  и зависи од бараниот износ и перформансот на компанијата но и од комплексноста на проектот кој треба да се финансира.

Секоја банка има свои интерни процеси и фази низ кои поминува едно кредитно барање и затоа временскиот период на обработка па се до финална реализација временски не може да се унифицира.

Тоа што засега се знае во јавноста е договорот со кој банките ќе добијат камата од 1,95 отсто од секој исплатен кредит. Грејс периодот е три години, 12 години рок на отплата, а највисоката сума која може да се подигне е 10 милиони евра. Но, компаниите треба дека имаат обезбедено 20 отсто од висината на чинење на проектот од сопствени средства.

Инаку, властите во последен момент ги променија условите за кредитирање, односно од производствени хали, машини и останати проекти за подобрување на производството во индустријата, сега решија со парите од кредиот од Унгарија да се градат и трговски центри а главната камата од 3,25 да ја плаќа народот.