Владата одвои 10 милиони евра за купување на високо ефикасни инвертер клима уреди со кои во 4 општини ќе се заменуваат печките за греење на дрва.
Со субвенции од 1000 евра по домаќинство за купување клима уреди Владата оваа зима ќе се бори со аерозагадувањето. Првата фаза од мерката ќе опфати 10.000 домаќинства од Скопје, Битола, Тетово и Кичево. Приоритет ќе се дава на семејствата со ниски месечни примања а кои се греат на дрва, нафта или други нееколошки деривати.
Аплицирањето за субвенциите ќе се врши електронски. За да нема злоупотреби, секое домаќинство ќе потпише договор со кое се обврзува старото грејно тело да не го враќа во функција, во спротивно ќе биде казнето.
За оваа мерка ќе се одвојат 10 милиони евра. Како образложение за овие субвенции, од владата потенцираа дека според последните анализи 90 отсто од загадувањето потекнува од загревањето на домовите.