Владата на Република Северна Македонија на последната седница го донесе Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2020 година којшто е предлог на Министерството за труд и социјална политика. За идната година за активни програми и мерки за вработување се испланирани рекордни 1,3 милијарди денари, односно 200 милиони повеќе од 2019 година. Како за споредба во 2016 година за Оперативниот план од Буџетот беа издвоени 707 милиони денари, што е речиси половина од предвидените средства за 2020 година.
Оперативниот план за 2020 година се носеше во широка консултација со бизнис секторот и синдикатите и е креаиран според потребите на пазарот на трудот. Најголем акцент повторно се става на мерките самовработување, младинската гаранција, практиканство, обуки за напредни ИТ вештини, како и на програмите за докавалификација и преквалификација на невработените лица и нивно прилагодување за побаруваните профили на пазарот на труд.
На ниво на цела држава годинава само преку Оперативниот план беа потпишани вкупно 1.484 договори за самовработување. Од нив вкупно 557 лица, односно 38% се млади лица, до 29 години, а 518, односно 35% се жени. Во послените неколку години околу 15 % од вкупно регистрираните приватни бизниси во државата потпаѓаат под програмата самовработување.
Активните мерки од Оперативниот изминатиот период дадоа исклучително добри резултати во намалувањето на бројот на невработени, посебно на младите. Невработеноста на младите за една година е намалена за 10%.