Аптеки, кафулиња, козметички салони, продавници, дури и двајца адвокати се на листата со компании чии газди парите од државната помош за октомвриските плати, наместо да ги исплатат на работниците – си ги ставиле во џеб.
Владата вчера го објави списокот со 179 фирми чии газди ја оштетиле државата за 85.000 евра и не исплатиле плата на околу 340 вработени. Најголемиот износ од 4.500 евра го добила фирма за служење на храна од Скопје која парите требало да ги исплати на 13 вработени.
Има компании кои земале по минималец за еден работник, но и такви кои прикажале дека имаат пад на приходите и над 80 проценти и добивале по 21.700 денари по вработен.
И овој список ќе патува во Обвинителството. Треба да го испрати Генералниот секретаријат и да побара кривично гонење за газдите.
Но се уште нема епилог ниту за првиот список. Тогаш стотици газди наместо на работниците платите за април, мај или јуни, кои ги добија од државата, си ги ставија во џеб. До сега не е покрената ниту една кривична пријава. Од Обвинителството велат уште прибираат докази.