Владата на вечерашната осма седница го утврди Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2020 година и донесе заклучок да го достави на усвојување до Собранието. Како што се наведува во соопштението на владината Прес-служба, согласно финансиските показатели проекциите покажуваат дека дефицитот во Буџетот ќе изнесува 8,4 %, заради растот на расходната страна во која со најголем процент учествуваат мерките за ублажување на економските последици предизвикани од пандемијата со ковид-19. Приходната страна на Буџетот останува непроменета, а очекуваниот дефицит ќе се покрие со задолжување на домашниот пазар.

Со ребалансот на Буџетот не се предвидени никакви импликации во однос на социјалните трансфери и пензии и тие ќе се исплаќаат редовно, информираат од Владата. Во соопштението се нагласува дека сите мерки од четирите пакети за поддршка на економијата и граѓаните во услови на здравствено-економска криза ќе се реализираат согласно плановите до крајот на годината за ликвидност на економијата, преку ликвидност на компаниите и за зголемување на јавната потрошувачка.

Со дополнително кратење на непродуктивни трошоци и со реалокација на средствата во Буџетот ќе се задржи исполнувањето на обврските како што се редовната исплата на доспеаните долгови и субвенции, особено во програмите за рурален развој, за образование, за заштита на животната средина и други еколошки проекти, како и за реализација на капиталните проекти, се наведува во соопштението од владината седница.