Шведската влада одби да го спаси Northvolt, еден од најголемите производители на батерии во Европа кој се бори во моментов за опстанок.

Премиерот на оваа земја, Улф Кристерсон, на почетокот на оваа недела изјави дека Шведска сака да се позиционира како водечка земја во енергетската транзиција, со нови компании како Northvolt и H2 Green Stell, кои се добавувачи на компании како што се Volvo и Atlas Copco.

„Нема логика шведската држава да влезе и да стане акционер. Топката моментално е кај Нортволт“, рече Кристерсон.

Нортволт е големата европска надеж во конкуренција со кинеските CATL и BYD, јапонскиот Panasonic и американскиот Tesla. Како што објави деловниот весник „Фајненшл тајмс“, компанијата има очајна потреба од свеж капитал, фокусирајќи се на својата гигантска фабрика во градот Скелефто.

Менаџментот беше принуден да укине работни места, да затвори дел од фабриката Скелефто и да размисли за одложување на изградбата на уште три фабрики во Шведска, Германија и Канада. Напорот за свеж капитал доаѓа поради загриженоста за продажбата на електрични возила.

На почетокот на годинава BMW го откажа договорот со Нортволт, чии најголеми акционери се Фолксваген и Волво, а се работи за договор вреден две милијарди евра. Договорот е откажан поради доцнење на испораките.

Раководството на Нортвалт тврди дека компанијата имала релативно мала поддршка од Владата на Шведска и дека имала дарежлива поддршка од Германија и Канада, што првенствено се одразувало во гаранциите за заемите. Според еден од членовите на одборот, не се работи за тоа дека зависат од огромни субвенции од Шведска.