Владата планира овој месец да го донесе новиот оперативен план за вработување, со што ќе бидат издвоени нешто помалку од 40 милиони евра, некаде околу 38-39 милиони евра, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Општина Студеничани, информираше дека очекува овој месец да се избере и ново раководство на Комисијата за хартии од вредност, постапка, што посочи е во рамки на Парламентот, и не е во надлежност на Владата. Тој, какошто вели поздравува и поддржува иновации, а една од тие беше и што како политичка партија отпочнале процес за издавање на општински обврзници.

-Се сеќавате како тој процес заврши, не наиде на разбирање од претходната Влада на СДСМ и ДУИ. Ние така нема да се однесуваме. Секоја една ваква иновација, активност ќе ја поддржуваме и со полно срце би ја поздравил и очекувам до крајот на овој месец, во рамките на Собранието да се заокружи, бидејќи е ингеренција на Собранието, а не на Владата, вели Мицкоски.

Прашан, дали ќе се продолжи Владата со издавање на општински обврзници, за да се раздвижи пазарот, со што ќе се даде поддршка на берзата, Мицкоски со одговор дека во моментов се фокусирани на проектите, кои се реализираат преку унгарскиот заем.

-Повеќе од дваесет и една милијарда денари ќе бидат инвестирани во овие два повика и цениме дека на тој начин најголемиот дел од потребите на граѓаните и општините ќе бидат затворени, но и понатаму ќе продолжи да се инвестира доколку има потреба, вели Мицкоски.

Но, какошто вели Мицкоски се е опција и најголемиот дел од општините се консолидирани, наскоро ќе бидат финализирани преговорите и со една европска држава, во висина од половина милијарда евра. Претседателот на Владата, Мицкоски најави дека овие средства ќе бидат вложени во регионални и експресни патишта, што повторно ќе значи и бенефит за општините.