Владата размислува користењето на криптовалути да го стави во законски рамки. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека според него тоа е иднината и дека ќе бидеме меѓу првите земји во регионот кои тоа ќе го направат.

– Сакаме сето тоа легално да го канализираме во рамки на законот, но има премногу работи што треба претходно да се усогласат и тоа и го правиме – ги усогласуваме тие работи за да дојдеме до финалниот производ. Тоа е иднината и мислам дека ќе бидеме меѓу првите во регионот, ако не и први, такво нешто да направиме. Како ќе функционира, ќе видиме, но тоа по мене е иднината, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција посветена на новогодишната кошничка.

Вредноста на биткоинот за првпат денеска надмина 100.000 долари.

Во однос на странските инвестиции, Мицкоски го повтори ставот дека очекува за првпат да биде пробиена бариерата од една милијарда евра директни странски инвестиции.

– Заклучно со третиот квартал се 838 милиони евра, а до крајот на годината очекувам уште најмалку две инвестиции, а можеби и дополнителни две ќе објавиме што ќе биде добар сигнал и со што ќе бидеме меѓу водечките во регионот, ако не и водечки по глава на жител, рече Мицкоски на прес-конференцијата во Владата.