Маркетите ја почитуваат мерката за секојдневно објавување на сите цени на интернет, нова обврска што по налог на Владата ја имаат од пред десетина дена. Од Министерството за економија велат дека досега нема ниту еден прекршок и не е изречена ниту една казна.
И потрошувачите задоволни од можноста за споредба на цените во маркетите на интернет. Од Организацијата на потрошувачи велат дека засега кај нив нема никакви поплаки за новата алатка. Сепак, сметаат дека би било добро да се размисли и за воведување на една платформа односно една веб страница која би ги обединувала сите цени на едно место со што целиот процес би се олеснил.
Со јавното објавување на цените онлајн се поттикнува и конкуренцијата, па маркетите се приморани да се натрпреваруваат меѓу себе и да ги поевтинат производите. Инаку утре истекува мерката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи. Надлежните велат дека се надеваат оти учесниците во трговскиот синџир ја научиле лекцијата. Досегашните резултати биле добри, а конечна одлука за евентуално продолжување ќе биде донесена доколку има потреба.