Вчера на Владата била отворена дискусија за платите на избраните и именуваните функционери, но не било донесена никаква одлука. Министрите кои ја сочинуваат работната група која треба да изготви предлог – решение добила задача до идната недела да достави работен материјал, за кој ќе треба да се произнесе Владата.
Ова денеска го соопшти премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашања на новинарите по неговата посета на производителот на сокови „Вивакс“ во Скопје, посочувајќи дека за платите на функционерите е неопходно издржано решение кое што нема да падне на Уставен суд, како што беше досегашното.
„Вчера е отворена дискусија во поглед на тоа како би требало да изгледа тој модел, во текот на наредните денови министрите ќе работат со цел да дојдат до решение кое ќе мора да биде консултирано и од правен аспект дали е одржливо, со оглед на тоа што се сака да се постигне усогласување на платата на ниво кое што ќе биде поприфатливо, а истовремено ќе биде и одржливо“, рече премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека министрите работат и штом ќе завршат во текот на наредната недела или две, ќе можат да излезат со решение кое што ќе биде презентирано на Влада, а подоцна да биде пратено и во собраниска процедура.
„До идната недела треба да имаме работен материјал“, рече Ковачевски.
Запрашан околу висината на коефициентот кој ќе се однесува на платите на функционерите, Ковачевски посочи дека не станува збор за еден, туку за различни коефициенти.
„Не може да го кажете како еден коефициент, бидејќи различни функционери, односно различни носители на функции од различни области имаат различни коефициенти“, вели Ковачевски.
Според него, затоа не може да се каже кој ќе биде коефициентот и дали решението е во коефициентот или во основицата.
„Се покажа дека основицата на два пати беше оспорена на Уставен суд и решенијата беа укинати како неуставни“, рече Ковачевски, појаснувајќи дека станува збор за поголем број коефициенти за различни носители на функции од различни области на управувањето со државата, бидејќи имаат поделени надлежности – Собранието, Владата, Обвинителството судството, локалната самоуправа …
Запрашан зошто решението се прави сега, а не во април кога Уставниот суд ја донесе одлуката за укинување на начинот на кој што пресметуваат платите на функцџионерите, Ковачевски одговори дека новото решение мора да биде прифатливо пред се од правен аспект.
„Второ, уште пред да се случи одлуката на Уставниот суд, јас кажав дека се работи на закон за плати во кој што треба да се стави ред во платите во јавниот сектор, да се знае која е највисока плата, а која е пониска, односно како одат нивоата на платите согласно одредени критериуми“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека во Министерството за администрација и информатичко општество во изминатиот период работеле на тоа решение, кое исто така мора да биде усогласено со повеќе различни страни, бидејќи, како што посочи: „Зборуваме за плати кои што се однесуваат не само на 21 член на Влада туку и на 120 пратеници, на 80 градоначалници, 600 судии, 300 обвинители…“.
„Дури и да се донесе некое решение кое што не е издржано согласно законите, повторно ќе заврши на Уставен суд“, рече Ковачевски.
Тој потсети дека сегашното зголемување на платите беше направено врз основа на одлука на Уставен суд со која се укина неуставна одредба за замрзнување на основицата на платите на избрани и менувани функционери и со тоа практично се направи зголемување на платите на околу 1.050 избрани и именувани функционери.
„Што значи, дека нивните плати во изминатите 12 години биле замрзнати, што значи дека било спречено 6,5 процентно годишно зголемување на платите. Подоцна во текот на корона кризата како дел од анти кризните мерки беше ставање на платите на избрани и именувани функционери на минимална плата што исто така го укина Уставниот суд“, рече Ковачевски.
Затоа, како што додаде, во рамки на Владата беше формирана работна група составена од министри од областа на труд и социјала, економските ресори кои ќе треба да изработат решение кое што треба да биде одржливо и нема да биде повторно предмет на поништување од страна на уставниот суд.
„Бидејќи, носење на решенија кои што го дерогираат системот на плати каде што за еден дел на вработени важи еден систем за пресметување на плата, а за други системи, зборувам во јавниот сектор, ќе значи веднаш реакција како во два случаи до сега од страна на највисоката судска инстанца“, рече Ковачевски.