Додека Владата се фали со воведување на нови авио линии од Аеродромот во Охрид, како што e онаа од и до Истанбул, која беше промовирана пред само неколку денови, туристички работници велат дека некои големи тур оператори, кои минатите туристички сезони донесоа иљадници туристи покрај Охридското Езеро, ги откажуваат или ги намалуваат аранжманите за Охрид.

„Можам да констатирам дека еден од поголемите холандски тур оператори во 2025 година нема да ја оперира нашата дестинација. Истиот во 2019 имаше чартери од мај до октимври, секој ден, а во текот на таа година во Македонија преку тој оператор пристигнаа 13.500 туристи и генерираа повеќе од 100.000 ноќевања. Ги поздравувам напорите на Владата вон сезона да донесе поголем број на туристи преку кружни патувања“, рече Љупчо Јаневски, туристички работник.

Јаневски додава дека има намалување на операциите и на полските тур оператори до Охридскиот аеродром, и оти приматот го земаат аеродромите во Белград и Тирана. Според него неопходно е брендирање на Охрид, како туристичка дестинација.

„Ако на Тиранскиот аеродром во сезоната 2024 се достигнaa рекордни 150-160 летови во текот на денот, а се повеќе наши граѓани од западниот дел на Македонија го користат аеродормот во Тирана за ефтини ниско буџетни летови во други дестинации, може да заклучиме дека и тур операторите ќе бидат насочени кон Тиранскиот аеродром, а Македонија се повеќе ке ја ставаат како еднодневна или дводневна ескурзиска дестинација во кружните патувања“, додава Јаневски.

Македонските власти се оптимисти дека новата авио линија Охрид-Истанбул ќе носи повеќе гости од различни делови на светот. Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски вели дека новата политика што ја води Владата во развој на авиосообраќајот ги дава посакуваните резултати и даваат нова димензија во развој на домашните аеродроми.

„Оваа директна линија ќе значи многу за туризмот, но и за развој на бизнисот, затоа што многу конектни летови ќе одат преку Истанбулскиот аеродром. Познавам луѓе кои имаат купено карти од Сиднеј и Вашингтон за Охрид и тоа е нешто што е голема шанса за целиот регион. И секако со завршување на автопатот, прво со делот Охрид-Кичево, потоа Кичево-Букојчани, Букојчани-Гостивар, Гостивар-Тетово е едно целосно автопатско поврзивање, со кое мислам дека аеродромот во Охрид ќе има комплетно нова димензија и многу повеќе патници“, рече Николоски.

„Развојот на нови авио линии не е само техничко прашање, туку стратешка инвестиција во иднината на нашата економија, туризам и меѓународна соработка“, изјави премиерот Мицкоски.

До Охридскиот аеродром сега има само четири редовни авио линии, до Истанбул, Цирих, Меминген во Германија и Виена. Наскоро повторно ќе стартува и линијата до Базел. Во изминатите години до Охрид се леташе и до Милано, Лондон, Малме, но истите беа укинати. Во текот на летниот период има зголемен сообраќај, поради неколкуте чартер авиони од Холандија, Полска, Србија и други дестинации.