Протестите се малициозни и политички мотивирани, платите не се високи, но и можностите на буџетот се лимитирани, велат од владината прес служба.

Оттаму, додаваат дека протестите не се најдобриот начин на комуникација и дека Владата била отворена за постигнување на договор со сите синдикални организации преку дијалог.

„Секој предлог или сугестија од синдикатите се дискутира, се со цел да се изнајде решение прифатливо и во интерес на граѓаните.

Изминатата година и покрај катастрофална состојба која ја наследивме од претходната Влада, заедно со синдикатите постигнавме договор за покачување на вработените во здравството и образованието, а ги покачивме и пензиите на над 300.000 пензионери линеарно.

Жалиме што УПОЗ и покрај Економско-социјалниот совет како тело во кое што учествуваат и на кое што секогаш сме дискутирале за сите предизвици, одбраа да протестираат.

Владата докажа и покажа дека е партнер на работниците, затоа потенцираме дека како Влада сме спремни да седнеме на маса и да ги разгледаме сите предлози од страна на синдикатите.

Штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност.

Доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор се со цел вистинско изнаоѓање на решенијата. Во спротивно останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација која обработува за нечии партиски интереси кои не мислат ништо друго освен собирање на ситни политички поени на грбот на граѓаните“ се наведува во владиното соопштение.