Во Владата денеска беше презентиран Оперативниот план за активните мерки и активности за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2020 година.
Премиерот Оливер Спасовски истакна дека се обезбедува континуитет на една од најуспешните мерки на Владата во изминатиот период.
-За две и пол години со овие мерки над се вработени 59.000 граѓани, а невработеноста да ја намалиме на рекордно ниско ниво од 17,1 отсто, што е намалување за 5,5 процентни поени, рече Спасовски.
Упати апел до сите граѓани кои бараат работа да не чекаат и да аплицираат за мерките на Агенцијата за вработување и да ги прифатат шансите што се наменети за сите граѓани.
За оваа намена во 2020 година се планирани 1,4 милијарди денари од кои 1,3 милијарди денари ќе ги обезбеди државата додека останатите средства се обезбедени преку партнерски организации (140 милиони денари). Очекувањата се дека во оваа програма ќе бидат вклучени 11.761 лице и да има рамномерен опфат на мажи и жени, фокусот да биде најмногу на лица до 29 години и програмата има рамномерна регионална застапеност.
-Преку оперативните мерки за вработување во нашата држава обезбедуваме поголема вработливост кај сите невработени лица во нашата држава, стимулирајќи ги тие да се преквалификуваат, доквалификуваат од една страна како физички лица, од друга страна компаниите да апсорбираат одредени мерки со кои ќе може да ги вклучат овие невработени лица на пазарот на труд. За да можат овие мерки да бидат поуспешни, повеќе адаптирани на потребата на невработените лица и потребите на бизнис секторот, тоа го правиме навистина како консултација и постојана соработка со овие засегнати страни, што се барањата, што е потребата на бизнис секторот и каков вид профили се потребни да се дообразуваат или да се преквалификуваат за да може тие да ги вклучат на пазарот на труд, изјави Царовска.