Владините мерки за замрзнување на цените не го сопреа растот на истите. Продуктите кои се најпотребни за едно домаќинство се оние чија цена секојдневно се зголемува, реагираат граѓаните.

„Мислам никогаш немало вакви цени како во овој период. Ова е катастрофа. Да тргнеме од пензионерите. Речиси 100.000 пензионери земаат 12.000 денари пензија. Дали се издржува со тие пари ?! Ако се двајца пензионери веројатно ранат уште едно внуче или две внучиња. Значи катастрофа“.

„Оние продукти кои најмногу се купуваат продукти, тие што најмногу се трошат, на пример за храна. За облека не се покачуваат, ама за храна се се покачува. Значи основни потреби за едно четиричлено семејство ако е потребно 30.000, сега треба да даде 50.000. Тука е разликата. А платата иста. И пензииите што ако ги качиле 1000“.

„За сите е таква ситуацијата, што да правиме. Мора да се снаоѓаме, но мора и државата да ни помогне. Тука е најголемиот проблем. Се трудат гледам следиме, но колку ни се можностите? “

„Да не залажуваме ова е светска криза, која удри и по нашиот џеб. Со овие плати не можеме да ја следиме инфлацијата. Меѓутоа кога живееш на кредит, ние живееме од странски кредити, сега да се правиме мудри не иде. Сите штрајкуваме пари бараме, а пари нема“.

Според Државниот завод за статистика трошоците на живот во март се зголемени за 8,8 проценти во споредба со март лани, а цените на мало за 9,6 проценти. Во однос на февруари има зголемување за 1,6 проценти, а кај цените на мало за 1,5 проценти

Се наоѓаме во фаза во која инфлацијата води во однос на платите и тоа јасно покажува дека животниот стандард опаѓа. Битката меѓу инфлацијата и растот на платите е на штета на платите, вели економскиот експерт Гацов.

Имено последниот податок за јануарската плата покажува кај реалната плата пад од 0,6 %. Тоа значи дека во рамките на една година јануари јануари споредено со платите кои ги добиваме фактички без оглед што се во апсолутен износ пораснати, можеме да купиме помалку производи односно да купиме помалку услуги.

Се разбира овој тренд е лоша насока и во оваа борба е уште попогрешно да се отвори онаа спирална трка платите да ги победат цените, цените платите итн. Едноставно треба да се отворат политики кои ќе значат заздравување на економијата барем во оној структурален дел да се влијае на намалување на порастот на цените, односно на трошоците на живот.

Според Гацов добро е што се уште курсот на денарот не влијае на ваквиот пораст.

„ДЕВИЗНИОТ КУРС Е СТАБИЛЕН. И ЈАС БИ КАЖАЛ ДОБРИ ЗБОРОВИ ЗА МОНЕТАРНАТА ПОЛИТИКА НА ЦЕНТРАЛНАТА БАНКА, НО ТРЕБА МНОГУ ВНИМАТЕЛНО ДА СЕ СЛЕДАТ ОВИЕ ОДНОСИ, БИДЕЈЌИ МОЖЕБИ ДОАЃА ВРЕМЕ ДА СЕ ВЛИЈАЕ ПРЕКУ МОНЕТАРНАТА ПОЛИТИКА НА АГРЕГАТНАТА ПОБАРУВАЧКА. КОИ СЕ МЕХАНИЗМИТЕ СЕ РАЗБИРА НАРОДНА БАНКА МНОГУ ДОБРО ГИ ЗНАЕ“ – ИЗЈАВА ГАЦОВ.

Според Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство во светот цените на храната уриваат рекорди.

За повеќе од 17 проценти поскапеа житариците. Цените на растителното масло скокнаа за 23,2 проценти.