Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ се против предлогот на Фискалниот совет за зголемување на старосната граница за одење на пензија.
Од социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја обвинуваат власта за ваквите најави од Фискалниот совет.
-Овие најави совршено се надоврзуваат на основните принципи на функционирање на Владата на ДПМНЕ и Мицкоски: експлоатирањето на трудот на работниците без никакво најави за зголемување плати, накалемувањето нови долгови и камати за унгарскиот заем, кои граѓаните се приморани да ги плаќаат од свој џеб, давањето приоритет на интересите само на неколкутемина големци блиски со ДПМНЕ, сега се надополнети и со најавата за зголемување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години, вели новата потпретседателка на СДСМ, Кристина Костова.
Потпретседателкат на најголемата опозициска партија смета дека ваквата мерка ќе придонесе за дополнителна дестимулација за вработување на младите, кои поради неповолните услови за пензионирање, уште повеќе ќе си го бараат чарето надвор од државата.
-Но, кога размислувам за зголемувањето на прагот за пензионирање, најмногу мислам колку тоа би било нефер кон генерациите кои наскоро треба да се пензионираат. Мислам на мајка ми, која за неколку месеци треба конечно да се пензионира, а после повеќе од 40 години стаж во штипските текстилни фабрики, со незнаени прекувремени неплатени, со ниски плати, во нестабилни времиња. Како, впрочем, и сите нејзини колешки, и сите луѓе од тие генерации, кои сиот свој работен век го поминаа работејќи во тешки услови, жртвувајќи се за подобро утре. Овие луѓе се и повеќе од изработени. После толку децении макотрпна работа, заслужуваат да имаат мирна старост со достоинствени пензии. Тој мир не смее никој да им го одложи или скрати, кажа Костова во телевизиско интервју.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа е затворена тема и не прифаќаат никакво зголемување на старосната граница.
-ВМРО-ДПМНЕ и владата не поддржуваат зголемување на старосната граница за пензионирање, тоа веќе е кажано, и е затворена тема за нас. Тоа што не сфаќаме е како истите луѓе кои молчеа додека се ограбуваше државата, додека инфлацијата растеше вртоглаво, додека институциите ги распаѓаа или тие лично или нивните најблиски соработници, сега глумат душегрижници, дали мислат дека народот им верува.Лицемерието и дволичноста на СДС се добро познати на граѓаните. Во време на СДС имаше пад на економијата највисок во историјата, историски највисока инфлација, осиромашени граѓани, пад на индустриско производство најголем во историјата, додека земјите од регионот имаа раст од над 50% на БДП по глава на жител во период 2017 – 2023, Македонија имаше едвај 20тина%.СДС ги ограби и девастираше институциите и државните претпријатија. А во исто време без грам двоумење го продаваа идентитетот. Додека СДС на Заев ја ограбуваше и продаваше државата на големо, сегашното раководство на таа партија беше 3 и 4 ешалон на власт и силно аплаудираше на тоа, тврдат од партијата.
Од Фискалниот совет велат дека секоја година бројот на пензионери е поголем за најмалку 1.500 нови, а иселувањето на младите ги намалува приходите во Пензискиот фонд.
Се предлага од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање на 67 години за мажи и за жени.
„Доколку не се преземат итни мерки, пензискиот систем може да стане неодржлив, што ќе доведе до дополнителни фискални ризици“, предупредуваат од Советот.