Во Македонија своја инвестиција најави компанијата Епсотех во износ од 20 милиони евра, која ќе отвори производствен погон во близина на Скопје и 110 нови работни места, пред се високо стручен кадар, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.

Се наведува дека во овие индустриски капацитети на германската компанија, која е во партнерство со белгиската „Аим“, ќе се произведуваат елементи од автомобилската, железничката и здравствената индустрија.

-Оваа компанија е лидер на пазарот во Германија и е застапена на над 25 отсто од истиот, што значи дека соработува со сериозни индустриски гиганти. Еден од главните белези во нивното производство е дека рециклираат материјали од земјоделството, рибарството, па дури и од компаниите со кои соработуваат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочуваат дека дополнително ќе се отвори и развојно истражувачки центар, а веќе постои интерес за понатамошна соработка и нови инвестиции и отворање на повеќе работни места.

-Оваа инвестиција е втора во рок од две недели, што само покажува дека доколку постои силна волја и посветеност бројот на инвестиции во Македонија може да се зголемува. Долго време земјата беше на дното по привлекување на странски инвестиции во споредба со земјите од регионот, што пред се беше резултат на неодговорниот пристап на власта на СДСМ и ДУИ, непредвидливата економска клима и лошиот имиџ на државата кој го изградија во изминатите години. Инвеститорите беа многу претпазливи и најчесто избираа да инвестираат во некоја земја од соседството отколку во Македонија, се наведува во партиското соопштение.