Во последните десетина години, се чувствува огромен стремеж на внатрешни преселби во рамките
на државата. Истите идат во правец од село кон град и од било кое место кон главниот град.
Најчестите причини за истото е борбата за подобар живот, подобра и поплатена работа, се со цел
благосостојба на семејствата кои решиле да останат и да се борат во земјава, односно класична
миграција на трудот.
Има и други причини, како што е соодветна инфраструктура, пристап до
различни содржини од културен и од друг аспект, ефикасноста на локалната само управа и др
Но зарем треба регионите да бидат дивергентни едни со други?! Дали власта, без разлика од која
провениенција доаѓа, треба да ги запостави помалите населени места во внатрешноста на
државата?!
Логично е одговорот да биде НЕ. Но какви чекори треба да се превземат за да се добие
еднакви шанси и во Делчево и во Гостивар и во Прилеп и во Скопје и оснанатите населени места, се
со цел регионите да конвергираат едни кон други и да имаат посакуван развој и напредок, а со
самото тоа и задржување на населението, со конкурентни плати и можност на предходно
наведените причини за нормален живот. Па така, од поодамна размислувам на темата за фискална
федерализација.
Да не бидам разбран во погрешен правец на делење на земјата и федерализација
како таков поим, туку мислам на ФИСКАЛНА федерализација, односно даночна децентрализација,
каде даночниот третман во зависоност од регионот ќе има различен процент на данок. Тоа од една
страна ќе го дестимулира пренаселувањето во главниот град, каде од дневните миграции се
случуваат и несакани последици, како сообраќајни незгоди, намалување на цената на трудот, а и
тие кои ја намалиле едвај преживуваат, а од друга страна ќе го стимулира останувањето во
сопствениот крај, или миграција кон друг крај во државата се со цел адекватен развој на истиот. За
сликовито да ја претставам идејата која ја размислувам, ќе дадам и еден конкретен пример. Често
пати тема во медиумите е иселувањето, особено од источниот крај од државата.
Па така, за да се стимулираат инвестициите кои ќе донесат работни места и развој на источниот регион, пример во градот Пробиштип, даночниот третман на данок на добивка да биде снижен од 10% на 5%. Данокот за пренос на имот да биде снижен од тековните 3% на 1% и за индустриски објекти од 6% на 3%.
Данокот на додадена вредност да биде адекватно намален, пример од 18% на 15%.
Тоа ќе ги стимулира веќе постоечките компании, а и тие кои сакаат да основаат нова, капиталот да го насочат кон избраниот град. Така, ќе се развие градот и регионот кој е околина на истиот град. Од друга
страна пак, град Скопје, како пренаселена територија и со веќе очигледно чувствителни проблеми
за соодветно вработување и можност за егзистенција, да се зголемат даноците. Па така, за
индивидуален имот, данок на пренос од тековните 3% да се покачи на 5%, за индустриски објекти
од тековните 6% да се покачи на 10%. ДДВ-то од тековните 18% да се покачи на 20%. Истото ќе ги
дестимулира тековните дневни миграции, каде градот ќе падне на нивото на население кое би било
соодветно, да нема сообраќаен метеж, да се дестимулира потребата за нереално многу нови
изградени објекти и др.
И нормално во сите овие процентуални дискрепанци, да има соодветна градација на минимален износ во процент кој треба да се наплати како данок, за одредени региони да не бидат повластени пред останатите и нормално максимален износ на процент кој треба да се наплати како данок, за да може и веќе развиените региони да имаат потенцијални инвеститори.
Бројките во примерите се од илустративен карактер, за истите не сум правел посебна анализа, целта
е да се долови поентата на идејата. Од друга страна, таквиот начин на спроведување на даночен
третман, односно олеснувањето во даноците, ќе допринесе до соодветен развој на населените
места, соодветни буџети со кои истите ќе располагаат и воедно ќе се избегне оној момент кога
одреден регион допринесува многу повеќе во буџетот, а други региони, каде даночната наплата
затајува, да користат средства, па дури и повеќе од потребното.
Нормално, ваквите чекори се тешки за имплементација, но се доволен предизвик, превработената администрација, да се загрее и да почне нешто корисно да работи и подрачните даночни испостави на УЈП да бидат поажурни во работењето. Како пример за ваквиот начин на функционирање и позитивна работна практика може да се согледа примерот за даночен третман во Германија. Но важно е да се напомене дека Германија е сочинета од сојузни покраини кои имаат свој авторитет во даночната политика, но може да послужат како адекватен пример за потенцијална даночна реформа во Р. С. Македонија.
Освртот кон темата е личен став на авторот и негово лично видување.
Александар Ивановски – 29.01.2022