Доларот во средата на меѓународните девизни пазари ослабе во однос на кошницата валути, откако претпазливите изјави на претседателката на ФЕД ги наведоа инвеститорите на заклучок дека оваа година можеби нема да има зголемување на каматните стапки во САД.
После изјавата на претседателката Janet Yellen долар индексот падна за 0,8 проценти на 94,79 поени, што е најниско ниво во последните 12 дена.
Во таква средина доларот во однос на јенот се намали за 0,5 проценти на 112,135 јени, што е најниско ниво во последните девет дена. На јенот не му наштети фактот за најголемиот пад на фабричка активност од 2011 година, кој е поддржан од шпекулациите дека Јапонија ќе треба да размисли за дополнителни поттикнувачки мерки како би избегнала рецесија.
Доларот ослабе и во однос на еврото на 1,1331 $, на најниско ниво во последните две недели.
Претходно оваа недела доларот во еден момент достигна највисоко ниво во последните две недели во однос на кошницата валути, благодарение на серијата изјави на дел од челниците на ФЕД со што кај инвеститорите се создаде впечаток дека каматните стапки во САД би можеле да се зголемат во два наврати оваа година, со тоа што првото зголемување би можело да се случи уште во април.
Но, таквите очекувања брзо спласнаа по изјавата на претседателката Yellen, која посочи дека треба да се биде внимателен во зголемување на каматните стапки, особено при надворешни ризици како ниските цени на нафтата и побавниот раст во остатокот од светот.