Поскапи кредити, повисоки провизии и двојно зголемени казнени камати. Откако Народната Банка лани 7 пати ја зголеми референтната камата, деловните банки дури сега почнаа да го стегаат ременот – не секој ќе може да земе кредит. 

Зголемениот ЕУРИБОР веќе се пресметува во новоодобрените кредити, пред се на станбените. Ако до Нова Година беше 2%, сега изнесува 2,85 отсто – процент кој се додава на каматата која ја одобрила банката. Со поскапувањето експертите очекуваат стабилизација на градежната офанзива и пад на цената на метар квадратен.

-Неминовно ќе има намалување на цената на метар квадратен, за да се задржи трендот на купување станови кај граѓаните и ова е краткорочно. Но од друга страна, за очекување е, ако имаме реформи во даночната политика, а тоа неминовно ќе мора да го направиме затоа што се стремиме кон ЕУ, тогаш градежната индустрија би била уште повеќе погодена, затоа што ќе се воведат нови повисоки даноци на недвижнините, изјави Абил Бауш, економски аналитичар.

Повеќе од двојно е зголемена и затезната камата. Ако до лани изнесуваше 2%, од 1-ви јануари е колку основната камата, односно 4,75 или највисока во последните 13 години. Ова значи ако граѓаните не ја платат ратата навреме, на пример за 1.000 денари до Нова Година плаќаа 20 денари камата, сега ќе платат 47 денари или на 100 евра, наместо 2, казната за неневремено плаќање ќе биде скоро 5 евра.

-Она што мене ме загрижува се казнените камати. Знаете имаше владина мерка во време на корона пандемијата со која се ослободуваа граѓаните да ги плаќат каматите. Е сега дојде време дел од населението да ги плаќа, така што зголемувањето  на затезната камата ќе има сериозен импакт врз нив, но и врз стопанството, додава Бауш, економски аналитичар.

Од почетокот на годината благ пораст има и кај каматите на депозитите. Речиси сите банки ги зголемија и провизиите на услугите за водење сметка, за елекронско банкарство, за подигање пари од сметка или од банкомат.