Најголем удел имаат потрошувачките кредити – 1,7 милијарди евра. Банкарите објаснуваат дека тие се земаат за покривање некој веќе направен трошок, за купување возило на старо, или за некое реновирање по дома, но и за школување и лекување.
Вкупниот износ што граѓаните го должат по земени кредити е 3,26 милијарди евра, покажуваат податоците на Народната банка за состојбата заклучно со јануари. Вообичаено, во изминатите години половина од кредитите биле потрошувачки, а веќе тој износ станува и поголем и во јануари изнесувал 1,7 милијарди евра. Износите на долгови по кредитни картички во континуитет се намалуваат, задолжувањето со една или две плати во минус расте, а станбените кредити се во постојан нагорен раст и во јануари нивното ниво е за дури 15,6 проценти поголемо отколку во јануари 2021 година.
На годишно ниво, овој јануари во однос на ланскиот јануари потрошувачките кредити се зголемиле за 7,3 проценти, но на месечно ниво има намалување од 0,7 проценти, што е ретко да се случи да има пад. Банкарите објаснуваат дека потрошувачките кредити главно се земаат за покривање некој веќе направен трошок, за купување возило на старо, или за некое реновирање по дома, но и за школување и лекување.
– Потрошувачките кредити, со оглед дека често се земаат и за купување возило на старо, може да се сметаат за правење еден вид, да кажеме, инвестиција во домаќинствата. Но, ако кажеме дека тие се за реновирање, или за бојадисување, тогаш тие пари се земаат само за некое одржување на домаќинствата. Така, дел од потрошувачките кредити, како и кредитните картички и негативните салда, се пари што си ги надополнуваат граѓаните преку банките, а кои во даден момент им се јавуваат како некој вид дневна потреба – велат банкарите.
Податоците од Народната банка покажуваат дека на кредитни картички граѓаните должат 164,7 милиони евра. Но интересен е трендот на постојано намалување на задолженоста на граѓаните на картички. Банкарите објаснуваат дека порано домаќинствата многу полесно се охрабрувале да се задолжуваат на картичките, додека сега тоа го прават многу попретпазливо. Така, на пример, пред 5 години податоците покажуваат дека граѓаните на кредитните картички должеле околу 30 милиони евра повеќе од сега.
Негативните салда на тековните сметки во најголем дел се од земените плати во минус. Вкупниот износ на минусни салда кај граѓаните е 104,4 милиони евра и овој износ е за 8,7 проценти поголем отколку во јануари 2021 година.
Вистинските инвестиции на граѓаните се гледаат во станбените и во автомобилските кредити. Станбените кредити во јануари изнесувале 1,1 милијарда евра, а за автомобилски кредити износот е одвај 3,75 милиони евра. Кредитите земени за нов автомобил покажуваат постојан тренд на намалување и тие во јануари се за 16,4 проценти во помал износ од автомобилските кредити во јануари 2021 година.
За еден месец депозитите се намалиле за 65 милиони евра
Вкупните депозити во банките и во штедилниците се намалиле за 64 милиони евра, односно за 0,8 проценти на крајот од јануари годинава во однос на 31.12.2021 година. Нивниот износ бил 7,56 милијарди евра, при што корпоративниот сектор имал 2,16 милијарди, а домаќинствата 4,96 милијарди евра. Падот е поголем кај корпоративниот сектор и таму парите на сметките се намалиле за 3,1 процент, додека во домаќинствата само за 0,1 процент. За домаќинствата, интересен е податокот дека тие посегаат по денарските средства и се намалиле за 1,7 проценти, а девизните биле зголемени за 1,5 проценти.
Сепак, банкарите велат дека од месечна промена не може да се извади некој тренд и дека на годишно ниво имаме раст на депозитите од 7,4 проценти.