Во 2023 година светската побарувачка за јаглен достигна 8,53 милијарди тони, што е историски рекорд, објави денеска Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
„Од 2024 година, глобалната потрошувачка на јаглен треба да покаже тенденција на опаѓање“, се вели во прогнозите на ИЕА објавени два дена по завршувањето на 28-та климатска конференција на ОН во Дубаи, каде што беше упатен апел да се напуштат изворите на фосилните горива како дел од борбата против глобалното загревање.
ИЕА ја нагласува силната побарувачка за јаглен во Азија.
Годинава потрошувачката во Кина скокнала за 220 милиони тони (4,9 отсто) во однос на 2022 година, во Индија за 98 милиони тони (осум отсто), а во Индонезија за 23 милиони тони (11 отсто).
Од друга страна, потрошувачката е помала во Европа, каде што е забележан остар пад од 107 милиони тони или 23 отсто, како и во Соединетите Американски Држави, каде што е забележан пад од 95 милиони тони или 21 отсто.
ИЕА соопшти дека поради војната во Украина имала проблем да ги објави прогнозите за Русија, четвртиот најголем потрошувач на јаглен во светот.