Збирните податоци за македонската трговска размена со странство за цела 2024 година покажуваат дека се намалува вредноста на извозот и увозот. Во периодот јануари – декември 2024 година, трговската размена бележи пад од 6.6 % во однос на истиот период од претходната година. Ова е уште еден сигнал дека надворешните кризи имаат силно влијание врз економијата во земјава. Дополнително, сега се очекуваат и новите даночни политики кои ги најави Белата куќа кои ќе важат и за европските држави, вклучително и за Македонија. Македонските власти најавија дека внимателно ќе ја следат состсојбата и ако има потреба соодветно ќе реагираат. Според властите засега е рано за било какви антикризни мерки.

Извештајот на вредноста на увезената стока, во периодот јануари – декември 2024 година, изнесува 680 709.1 милиони денари што е за 0.8 % помалку во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – декември 2024 година, изнесува 201 901.2 милиони денари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – декември 2024 година, изнесува 70.3 %.

Ова е најновиот извештај на Државниот завод за статистика кој покажува дека во текот на целата ланска година трговијата на државата во однос на истиот период 2023 година била во минус. Дополнително, трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата.

Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица. Во периодот јануари – декември 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.

„Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – декември 2024 година, изнесува 7 781.2 милиони евра и бележи пад од 6.5 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 11 062.4 милиони евра, што е за 0.8 % помалку во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – декември 2024 година, изнесува 3 281.2 милиони евра“, стои во извештајот на ДЗС.

Во периодот јануари – декември 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.

Не само статистички, проблемите со извозот од земјава на своја кожа го почувствиваа и дел од компаниите кои се сместени во индустриските зони во Скопје. Намалените нарачки од странство а особено од најсилната европска економија Германија ги принуди да го намалат бројот на вработени, а една странска инвестиција пак најави и повлекување од земјава.

Во исто време, неколку месеци по ред се намалува индустриското производство, најмногу во делот на автомобилската индустрија. Следен негативен податок кој се очекува е да има и намалување на платите на работниците поради минусните салда на компаниите.