Според проекциите за населението до 2070 година што ги направи Државниот завод за статистика, бројот на лица на возраст од 65 или повеќе години би учествувал во вкупното населени со процент меѓу 21,2 и 39 отсто. Во 2022 година, нивното учество било 17,4 проценти.

Пензискиот систем на Северна Македонија се соочува со значајни предизвици, вклучувајќи голем дефицит, потенцијална ерозија на адекватноста на надоместоците и нееднакво ниво на надоместоците помеѓу генерациите, е заклучокот на Светска банка во однос на нашиот пензиски систем.

Светска банка неодамна го објави извештајот за прегледот за јавните финансии во нашата земја, а посебно место му посвети на одржливоста на пензискиот систем.

– Одржливоста на пензискиот систем е критично прашање бидејќи во 2025 година се предвидува бројот на пензионери да го надмине бројот на обврзници за плаќање на придонеси. Тековната возраст за задолжително пензионирање (64 години за мажи и 62 години за жени) е меѓу најниските во Западен Балкан и во ЕУ-велат од Светска банка во документот за главните поенти на Извештајот.

Според последните податоци на Фондот за осигурување, во Македонија има 342.170 корисници на пензија. Просечно исплатената пензија во октомври е 23.727 денари. Најниската пензија е 15.692 денари, а ја земаат 2.370 корисници. Две третини од пензионерите, земаат пензија до 25.000 денари. Овие износи се со вклученото линеарно зголемување од 2.500 денари, направено токму за да се подобри состојбата на оние со најниски примања. Исто вакво зголемување ќе има и во март 2025 година. Од друга страна, Светска банка забележува дека уште во 2023 година расходите што ги има државата за пензиите нагло се зголемиле на 9,3 проценти од БДП, што е над нивото на земјите од Западен Балкан.

– Заради справување со овие предизвици, се предлагаат повеќе политики за намалување на пензискиот дефицит во услови на општество што старее. Тие опфаќаат укинување на неодамна воведениот модел на индексирање според цените и платите (таканаречен Швајцарски модел) и враќање на претходното индексирање согласно индексот на цените на мало, постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирањето на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот-велат од Светска банка.

Во 2023 година имало 561.000 активни работници, осигуреници, како и 16.619 земјоделци кои биле осигурани. Минатата година, просекот на корисниците на пензиија се движел околу 330.000, што значи дека соодносот меѓу вработените и пензионерите е 1,75. Во некои дамнешни времиња тој сооднос бил и три спрема еден, но на вакви калкулации веќе забораваат сите земји. Оттука и пресметките на Светска банка дека ако продолжи трендот на стареење на населението, а истовремено намалување на вкупниот број на осигуреници и иселувањето, за 20 години во Македонија ќе ја имаме состојбата: повеќе пензионери од вработени.

Проблемот е присутен секаде во Европа.

„Стареењето на населението ќе има значителни структурни влијанија врз европските економии. Постепеното пензионирање на генерација на родени помеѓу 1946 и 1964 година – ќе има големо влијание врз политиката на Европската унија (…). Иако зголемувањето на животниот век е добредојдено како победа на минатите политички напори, заедно со други фактори, тоа навистина носи низа предизвици“, анализира тинк-тенкот Бригел во кој се вклучени владите од ЕУ, како и меѓународнаи корпорации и институции.

Според анализата на Бригел, во 2022 година 1,9 проценти од населението во било на возраст над 85 години, додека во 2100 година се очекува да биде 10 проценти.
Токму, значајно покусиот животен век во Македонија од развиените земји во ЕУ е еден од силните аргументи на противниците на зголемување на животниот век за пензионирање кај нас на 65 години.

Универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии  посочи дека кај нас животниот век е во пресек 73 години и дека ако се оди во пензија на 76 години, таа ќе се користи само 6 години.

-За споредба, во Австрија луѓето живеат во просек 18 години по пензионирањето – границата за пензионирање е исто така 63 години, но животниот век е 81. Слична е состојбата и во другите земји од ЕУ. Кога животниот век во Македонија ќе се доближи до 80 години, тогаш можеме да размислуваме за вакви промени, но не сега – изјави Јовановиќ во медиумите.

Според проекциите за населението до 2070 година што ги направи Државниот завод за статистика, бројот на лица на возраст од 65 или повеќе години би учествувал во вкупното населени со проценнт меѓу 21,2 и 39 отсто. Во 2022 година, нивното учество било 17,4 проценти.

Статистиката покажува и дека во Македонија се помалку се раѓаат деца, а тие се исдниот потенцијал за работна сила. Ако во 2014 година, бројот на живородени деца изнесувал 23.569, во 2023 година бил 16.737.