Додека Владата се чуди од каде да најде повеќе пари за буџетот, во Агенцијата за вработување на крајот од минатата година останале непотрошени 42 милиони евра.
Владата стокми ребаланс на Буџетот кој ќе тежи рекордни 5,89 милијарди евра (постојниот е околу 5,5 милијарди евра), со огромен буџетски дефицит кој од 585 се зголемува на 720 милиони евра. Приходите во Буџетот се проектирани на 5,17 милијарди евра, за околу 130 милиони евра повеќе од основниот буџет. Сето тоа во услови на намалена економска активност годинава, односно со проектиран раст на домашниот бруто производ од 2,1 отсто наместо првично проектираните 3,4 отсто.
Од друга страна, ја имаме Агенцијата за вработување, која наместо да го раздвижува пазарот на трудот со мерки, субвенции и поддршка на работодавачите, чува неактивни 42 милиони евра собрани за една година. Вишокот на останати пари и во 2022 беше огромен – 22,3 милиони евра, а овие средства се префрлени во „заштедата“ за 2023 и резултатот изгледа неверојатен.
Во текот на минатата година работодавците ги зголемиле уплатите на социјалните придонеси за осигурување на работниците во Агенцијата за вработување за 20 отсто и биле собрани дури 60 милиони евра. Тоа го надминало планот и прогнозите на агенцијата за високи 9 милиони евра. Инаку стапката на придонесот за вработување е 1,2 отсто од бруто платата на работникот.
Претходните години за популарната мерка за субвенционирање на растот на платите, за која работодавачите апелираа да не се укинува, се даваа по повеќе милиони евра, а сега во ставката на расходи на агенцијата ја има со само еден милион евра потрошени во текот на целата година.
Овие 42 милиони евра останале непотрошени и покрај тоа што државната помош од буџетот за агенцијата се намалила од 6,55 на 4,6 милиони евра.
Треба да се каже и тоа дека кај трошоците осетливо се намалиле исплатените парични надоместоци кај работниците-осигуреници кои во меѓувреме останале без работа, стечајците, мерките за субвенционирање, креирање нови работни места и самовработување. Тие вкупни суми паднале од 48,5 на 43,75 милиони евра за една година.
За мерките за вработување биле потрошени дури 7 милиони евра помалку отколку што се очекувало, а дури 50 милиони денари помалку за ангажирање на стручни лица за работа со невработени.
Сумирано, АВРМ собрала 91 милиони евра, а потрошила само 49…