Во јануари граѓаните имаат скенирaно убедливо најмногу фискални сметки преку апликацијата МојДДВ, или над 15 милиони сметки, а наплатениот ДДВ за овој месец е за над 70% повисок во однос на просекот од претходните пет месеци, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.
Таа додаде и дека апликацијата МојДДВ има 50 илјади нови корисници во декември и јануари.
„МојДДВ #МојаНаграда се добар пример дека преку гемификацијата можат да се адресираат проблеми во економијата и општеството, како сивата економија. Наплатата на ДДВ и бројот на скенирани сметки покажуваат дека наградната игра, како дополнување на успешната мерка МојДДВ, дава резултати. Граѓаните добија мотив да продолжат да скенираат сметки и откако ќе го надминат прагот за поврат на ДДВ, како и да ги земаат и скенираат и оние сметки кои имаат помала сума на ДДВ“, рече Ангеловска.
Износот на наплатен ДДВ од скенираните сметки во месец јануари изнесува рекорди 730 милиони денари, што е за над 70% повеќе споредено со просекот во првите 5 месеци кога изнесува 428 милиони. Целокупната наплатата на ДДВ во месец јануари е зголемена за 6,2% споредено со јануари минатата година.