Веќе е завршена расходната страна, од која е планирано дополнително кратење на непродуктивните трошоци, а за покривање на зголемениот дефицит се бараат извори на средства со најниска камата. Ребалансот на буџетот е можност за министерот за транспорт и врски да побара дополнителни 4,8 милиони евра за реализација на гасоводниот систем
Само 100 милиони евра од средствата потребни за справување со кризата Владата планира да обезбеди преку ребаланс на буџетот. Државната каса веќе се прекројува, а според најавите до крајот на месецов треба да влезе во собраниска процедура.
Според премиерот Димитар Ковачевски, од буџетот ќе се кратат непродуктивните трошоци.
– Ќе има дополнително кратење на 100 милиони евра непродуктивни трошоци, коишто не мора да се направат оваа година, дополнително на она што беше направено со кратењето од 8 проценти на тековните расходи минатата година и со дополнителните мерки што се направија во првите 100 дена од Владата за ограничување на трошоците, посочи тој во телевизиско гостување.
Владата во моментов работи на ребалансот на Буџетот, а кратењето на стоте милиони евра е дефинитивно, зашто веќе е завршена расходната страна. Сега се разгледуваат приходите, за до крајот на месецов прекроениот буџет да излезе од Влада и да влезе во собраниска процедура.
Веќе е пресметано дека со ребалансот буџетскиот дефицит ќе порасне за уште 200 милиони евра. Премиерот Ковачевски вели дека во моментов исто така се разгледуваат и сите опции за покривање на тој дефицит, со оглед на тоа што во услови на глобална криза расте цената на капиталот.
-Сите разговори што се водат се со цел да се обезбедат финансиски средства со најниска можна цена на капиталот на пазарот во овие услови, појаснува тој.
Претходно Ковачевски информира дека низ активности, соработка и користење на инструментите на ММФ и на Европската Унија, ќе се обезбедат финансиски средства, кои ќе имаат најдобра цена на капиталот што ќе се ангажира со цел да се финансира дефицитот, кој ќе биде поголем од планираниот со буџетот, зашто лани кога се носеше не беше предвидена војната во Украина и ваквиот раст на цените на енергенсите и храната.
Според неофицијални информации Владата планира ново задолжување од дури 900 милиони евра преку аранжман со Меѓународниот монетарен фонд, чија мисија неодамна беше на преговори во Скопје, но Ковачевски тврди дека не се работи за аранжман со ММФ, туку за еден од инструментите кои ги нуди Фондот.
Од друга страна, додека се разговара за тоа од кое министерство и буџетски корисник што и колку да се скрати за да се обезбедат повеќе средства, Министерството за транспорт и врски бара уште пари. Ова „најбогато“ министерство смета дека со ребалансот треба да му се доделат уште 300 милиони денари, или околу 4,8 милиони евра кои би се искористиле за доизградба на гасоводна инфраструктура. Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, дополнителни пари ќе бидат побарани во сите области каде што има добра реализација на капиталните инвестиции.
-Околу 300 милиони денари ќе побараме дополнително за доизградба на гасоводите, бидејќи таму ќе имаме уште една постапка за интерконекторот со Грција во време на енергетска криза. Изградбата на гасоводите е од круцијално значење во државата, вели тој и додава дека при ребаланс се прават напори да се задржат средствата за инфраструктурата поради повеќекратниот бенефит за државата и за граѓаните, рече тој.
Министерот очекува со ребалансот да не се крати од средствата наменети за изградба на инфраструктура, за да може да се искористат до крајот на годината и да се подигне степенот на реализација на капиталните проекти. Но, според официјалните податоци, реализацијата на тие проекти во првите четири месеци од годинава е ниска. За капитални проекти во буџетот за годинава се предвидени 600 милиони евра, од кои досега се потрошени само нешто над 100 милиони евра или околу 17 проценти.