Бројот на вработени во јавниот сектор изнесува 139.009, во согласност со состојбата до 31 декември 2017 година, изјави вчера на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, презентирајќи го годишниот извештај од Регистарот на вработени во јавниот сектор.
Тој истакна дека анализата на вкрстените податоци од МИОА, Агенцијата за вработување на РМ, Министерството за финансии и од Фондот за здравствено осигурување покажува дека јавниот сектор на Македонија има 1.299 институции, во кои работен однос имаат засновано 128.722 лица.
– Преку агенциите за привремени вработувања во институциите на јавниот сектор работно се ангажирани вкупно 1.624 лица и тие немаат статус на вработени во јавниот сектор и не влегуваат во анализите во овој извештај – објасни Манчевски.
Како за споредба, додаде Манчевски, преку Агенцијата за привремени вработувања до мај 2017 биле ангажирани 2.064 лица. Во акционерските друштва со стопроцентна државна сопственост има 8.633 вработени, а преку агенциите за привремени вработувања уште 30 вработени.
Според него, за разлика од бројките, заклучно со декември 2016 година, има намалување на бројот на вработени во јавниот сектор за 951 и по повеќе децении се забележани надолни трендови во вкупниот број вработени во јавниот сектор.
Манчевски додаде и дека причина за оваа помала бројка е природниот одлив, односно преку пензионирање, и преку одлив во приватен сектор и оти вработувањата се вршат врз основа на потребите на институциите, а не преку партиските потреби.
Во поглед на половата застапеност во јавниот сектор, 54 проценти се жени, а 46 отсто се мажи. Според етничката припадност, Македонци има 75,36 проценти, Албанци 19,31, Турци 1,84, Роми 1,14, Срби 0,91, Бошњаци 0,39…