Агенцијата за катастар на недвижности најави дека до крајот на годината ќе го впише целосно државниот имот за кој е утврдено дека нема имотен лист, а кој на крајот на минатата година изнесувал 156.000 хектари.
Откако било утврдено дека државата нема имотен лист за 156.000 хектари во нејзина сопстеност, што, според директорот на Катастарот Борис Тунџев, остава простор за манипулација со тоа земјиште, во декември лани е изготвен акциски план. Од вкупно 156.258 хектари, 80.529 хектари се во катастарски општини со пописен катастар, а 75.729 хекатри во катастарски општини каде е воспоставен катастар на недвижности.
„Голем дел од имотот веќе е запишан, над 76 проценти, останува во наредните два месеца до крајот на годината да го запишеме целокупниот имот во однос на шуми, пасишта и други катастарски култури коишто согласно со податоците од Катастарот на земјиште бил во сопственост на државата и таа ќе добие свој имотен лист”, рече Тунџев на денешната средба со новинари.
Веќе се подготвени подзаконските акти од измените и дополнувањата на Законот за катастар на недвижности и во втора фаза катастарот почнува со впишување на имотот во сопственост на државата во катастраските општини каде имало пописен катастар.
Последните законски измени ќе овозможат да бидат запишани и правата за имотот во општините кој се уште се води според пописен катастар, односно без премер и за кој исто така нема имотен лист.
Незапишани права поради воспоставен катастар без постапка на изложување со преземање податоци од пописниот катастар кој не бил со премер има во Чашка, Гостивар, Берово и во делови од Штип и од Куманово.
„Пописниот катастар не бил премер катастар и правата се запишувани за потребата на даночната евазија во периодот од 1952 до 19524 година кога на лице место оделе пописни комисии и кога сопствениците на имоти им кажувале колакава е нивната површина. Таму има голем процент на незапишани права, но доколку тие сопственици биле евидентирани во списокот на парцели во рамки на пописниот блок и при авионското снимање си ги обележале сопствените имоти со поднесено барање без надомест ќе бидат впишани во Катастарот”, рече Тунџев на брифингот со новинари.
Особено е карактеристична општина Чашка каде има катастарски општини и со 100 проценти незапишани права. Таму целокупниот имот е во пописен лист со незапишани права.
„Целта е целокупниот имот со незапишани права да биде ставен во промет и да си добие сопственик”, додаде Тунџев.
Според него, бројот на професионални корисници на Катастарот (нотари, адвокати, општини, приватни трговски друштва за геодетски работи) за две години се зголемил за 30 до 40 проценти и сега изнесува 1206, што бара проширување на хардверските капацитети. Со новата јавна набавка склучен е договор за реинженеринг затоа што овој систем е набавен во 2008 година кога почнал да се инсталира, развиван е до 2010, потполно бил функционален кога бил ставен, и не е изграден на новите платформи, вели директорот на Катастарот.
Претставките од граѓаните, според Тунџев, се сведени на минимум. Бројот на нерешени предмети е сведен на работно ниво, од претходниот работен ден и новопримените, и изнесува 900 и не се постари од три дена.