Според членот 204 од Законот за спречување на перењето пари и на финансирањето тероризам, лимитот за готовински плаќања во износ од 3.000 евра или повеќе во денарска противвредност, во форма на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, кои не се извршени преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција што дава платежни услуги, се намалува на износ од 2.000 евра почнувајќи од 1.1.2024 година, додека од први јануари 2025 година граѓаните ќе може да плаќаат во кеш максимум 1.000 евра.
„Ова ќе значи извесен притисок врз истиснувањето на готовината од оптек. За сите плаќања каде што добрата или услугите се над сума од 2.000 евра ќе треба да се користи банкарски начин на плаќање, односно оние што имаат легални пари на легални сметки ќе може да плаќаат. Секако, ќе треба да има и соодветни контроли од УЈП, пазарна инспекција и финансиска полиција за да има ефикасност оваа мерка, бидејќи готовината е главен извор за нелегалната економија“, вели Павле Гацов, директор на „Про агенс“, во интервју за „Блумберг Адрија“.