Во овој артикл ги анализираме провизиите и надоместоците што ги наплатуваат домашните банки за месечно одржување на трансакциска сметка за физички лица.
Согласно податоците до кои дојдовме, повеќето банки наплатуваат речиси идентични провизии за месечно одржување на трансакциските сметки на клиентите – физички лица.
Доколку имате месечни приливи до 10.000,00 денари, најисплатливо е да имате трансакциска сметка во Силк Роуд Банка АД Скопје, бидејќи банката не наплатува месечна провизија за приливи до тој износ. Доколку, месечните приливи се повисоки од 10.000,00 денари, но не надминуваат 50.000,00 денари, тогаш Силк Роуд Банка наплатува месечна провизија во износ од 35,00 денари. За месечни приливи над 50.000,00 денари, банката наплатува месечна провизија во износ од 40,00 денари.
За разлика од некои други банки кои нудат поволност за најмладите (студентите) и највозрасните клиенти – пензионерите, Силк Роуд Банка не нуди дополнителна поволност во однос на месечниот надомест за одржување на трансакциска сметка.
Во Стопанска банка АД – Скопје е најисплатливо да имате трансакциска сметка, доколку имате минимален број на трансакции во месецот. Една банкарска трансакција во Стопанска банка АД – Скопје изнесува 2,00 денари, што значи дека доколку клиентот има максимум 10 трансакции во месецот, ќе му биде наплатена месечна провизија за одржување на трансакциската сметка во износ од 20,00 денари.
Доколку бројот на трансакции е поголем од 10, тогаш на клиентот ќе му се наплати месечна провизија во износ од 30,00 денари, износ кој го наплатуваат повеќето домашни банки.
За своите најмлади корисници, кои се дел од ТОПСИ пакетот за млади, Стопанска банка АД – Скопје не наплатува провизија за месечно одржување на трансакциската сметка. Исто како и за најмладите, така и за пензионерите, банката нуди одредена поволност. Пензионерите кои својата пензија ја примаат на трансакциска сметка во Стопанска банка АД – Скопје им се наплатува месечна провизија во износ од 15,00 денари, но доколку надминат над 10 трансакции, тогаш провизијата се зголемува на 25,00 денари.
Слично, како и Стопанска банка АД – Скопје, така и другите поголеми банки наплатуваат речиси идентични провизии за месечно одржување на трансакциските сметки, а нудат поволности и за студентите, но и за пензионерите.
Во Комерцијална банка АД Скопје и НЛБ Банка АД Скопје, провизијата за месечно одржување на трансакциски сметки е идентична, односно 30,00 денари за сите клиенти, 15,00 денари за пензионерите и без надомест за студентите и младите лица.
Шпаркасе Банка Македонија речиси идентично како и претходните две банки, наплатува месечна провизија од 30,00 денари за одржување на трансакциските сметки, а нуди поволност за најмладите клиенти кои се дел од Fansy Пакетот за млади, a нуди одредени поволности и за пензионерите.
Охридска банка АД Скопје слично како и кај претходните банки, наплатува месечна провизија од 30,00 денари за одржување на трансакциските сметки, а нуди поволност за највозрасните клиенти – пензионерите за кои месечното одржување на трансакциските сметки изнесува 20,00 денари. За студентите нуди можност КУЛ пакет за млади лица во кој добиваат трансакциска сметка, дебитна картичка, мобилно банкарство, СМС известување и две бесплатни повлекувања на готовина на банкомати од други банки во земјата за месечен надомест од 80 денари.
Халкбанк АД Скопје и УНИБанка АД Скопје наплатуваат месечна провизија од 30,00 денари за одржување на трансакциските сметки, а ниту двете банки не нудат дополнителна поволност за пензионерите од аспект на провизијата за месечно одржување на трансакциска сметка, освен што нудат можност за нивните клиенти пензионери својата пензија да ја добијат на 1-ви во месецот.
Халкбанк АД Скопје за најмладите нуди студентски пакет со кој студентите на возраст од 18 до 24 години добиваат бесплатно одржување на трансакциската сметка, бесплатно електронско банкарство, бесплатна мобилна апликација и бесплатна Visa PayWave дебитна картичка.
ТТК Банка АД Скопје за разлика од повеќето домашни банки, наплатува месечна провизија од 29,00 денари за одржување на трансакциските сметки за сите клиенти, без дополнителна поволност за студентите и пензионерите.
Најскапи банки за месечно одржување на трансакциска сметка се Централна кооперативна банка и ПроКредит банка.
Во Централна кооперативна банка за приливи до 100.000,00 денари се наплатува месечна провизија во износ од 40,00 денари. За месечни приливи над 100.000,00 денари, банката наплатува месечна провизија во износ од 50,00 денари. Оваа банка не нуди дополнителна поволност од аспект на провизијата за месечно одржување на трансакциска сметка за студентите и пензионерите.
Во ПроКредит Банка нема поединечна услуга за месечното одржување на трансакциска сметка. Доколку сакате да отворите сметка во ПроКредит Банка, од банката го нудат Сетот на банкарски услуги во кој освен одржувањето на денарски и девизни трансакциски сметки, на клиентот му се доделува бесплатна дебитна картичка, СМС нотификации, електронско и мобилно банкарство, како и неограничени бесплатни денарски плаќања во земјата преку е-банкарство. Месечната провизија за користење на Сетот на банкарски услуги од ПроКредит банка е 300,00 денари и драстично отскокнува од надоместоците кај останатите банки.