Граѓаните не престанаа на ставаат пари како заштеди во банка, но во оваа криза, за разлика од останатите, чувале и многу пари во готовина кај себе. Како се рефлектираше кризата во однесувањето на домаќинствата и парите со кои располагале – анализира Народната банка. Во 2020, година која беше специфична како никогаш досега, полна со предизвици, се зголемија депозитите кои граѓаните ги чуваат во банка, но растот не бил со истото темпо како годината претходно. Но во пандемиската 2020 година Народната банка регистрира фантастичен раст на готовите пари во оптек во домашна валута од дури 21 процент. Ова не било случај во кризата во 2009 година, кога готовината дури се намалила и тоа за 8 проценти.
Од Народната банка потенцираат дека освен овој ефект, пандемијата се одразила и на друг начин врз однесувањето на домаќинствата кога нивните пари се во прашање. Тоа е преку таканаречените трансакциски депозити кои секако се зголемуваат во последниот период, но сега нивното учество зајакнало. Тоа не се класични депозити всушност, туку чување на парите кои легнуваат по различни основи како што се плати, пензии на трансакциските сметки на граѓаните.
„Очигледно, спецификата на кризата предизвикана од пандемијата, односно загриженоста во однос на финансиските потреби за зачувување на здравјето, како и претпазливоста во однос на финансиската состојба доведоа до поголемa склоност за држење на средствата на трансакциски сметки и во форма на готови пари. Склоноста за држење поликвидни средства се гледа и преку учеството на краткорочните депозити во вкупните депозити на домаќинства. Имено, во услови на неизвесност и зголемени ризици, штедењето на домаќинствата е поизразено на краток рок, при намалено долгорочно штедење, анализира Народната банка.
Експертите на централната банка заклучиле дека специфичниот карактер на тековната криза се согледува и преку промените во валутната структура на штедењето, коишто за разлика од други кризни епизоди се во полза на домашната валута.
„Имено, за време на светската финансиска криза, учеството на денарските депозити, вклучувајќи ги и депозитните пари, во вкупните депозити на домаќинствата се намали за 6,5 проценти на годишна основа, за сметка на зголеменото учество на девизните депозити. Од друга страна, за време на здравствената криза не се забележани поголеми придвижувања. Имено, во 2020 година, учеството на денарските депозити се намали за само 0,7 проценти. на годишна основа, за сметка на девизното штедење, што ја покажува довербата во домашната валута, велат од НБРМ.
Значи, во однос на валутата, за разлика од други кризи, во 2020 година нема големи придвижувања во валутната структура на штедењето, што упатува на задржана доверба на домаќинствата во домашната валута и во домашниот финансиски систем.