Индустриското производство во мај годинава во однос на истиот месец од минатата година бележи раст од 1,2 проценти, а во првите пет месеци од годинава споредено со истиот период лани за 6,5 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот „Рударство и вадење на камен” во мај годинава, во однос на мај минатата година, бележи пораст од 5,4 проценти и од 22 процента во секторот „Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација”, а опаѓање од 0,4 проценти во „преработувачката индустрија”.
Намалувањето во секторот „преработувачка индустрија” е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во одделите производство на тутунски производи, на кожа и слични производи од кожа, на метали, на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, на компјутерски, електронски и оптички производи и производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
Според главните индустриски групи, производството во мај 2019 година, во однос на мај 2018 година, бележи пораст кај „енергија” за 22 процента, „интермедијарни производи, освен енергија” за 2,9 проценти, „трајни производи за широка потрошувачка” за 2,6 проценти и „нетрајни производи за широка потрошувачка” за 1,9 проценти, додека опаѓање бележи кај „капитални производи” за 7,1 процент.