Македонската заедница која се занимава со крипто валути секојдневно се зголемува. Во меѓувреме, регулаторите не најавуваат конкретна законска рамки за овие виртуелни валути, а граѓаните претпоставуваат и шпекулираат.
Македонските регулатори сè уште немаат јасна визија за законска рамка за крипто валутите. Додека се чека конкретен закон, во земјава крипто валутите се „сива зона“. Но, со нив се тргува и, како што велат, се „ископуваат“. Во моментов постојат над 1.500 крипто валути. Ретко кој од македонските „копачи“ на крипто валути јавно зборува за ова. Дваесет и четири годишниот Зоран Спирковски е еден од нив.
„Јас сум прилично нов во „копањето“, односно во последниве две години од кога се занимавам со крипто валути, само три месеци се поминати во „копање““, вели Спирковски.
Тој објаснува дека процесот „копање“ е компјутерски алгоритам кој пресметува и калкулира, односно прави енкрипција на податоците вметнати во системот за трансакции. Енкрипцијата се сведува на таканаречен блокчејн, или блокови.
„Блокчејнот е всушност децентрализираниот запис на трансакции врз коишто се потпира целата мрежа. Некои блокови може да траат и до 60 минути, иако просекот е 10 минути, некои блокови едноставно нивната бројка на решение е толку висока што додека „копачите“ стигнат до неа е поминато големо време“, објаснува Спирковски.
Оваа технологија зад крипто валутите можеби е комплексна за разбирање, но за да биде малку појасно Спирковски објаснува дека „копањето“ е процес преку кој се оправдуваат трансакциите направени на мрежата за што оние што „копаат“ добиваат награда.
„Во моментов тежината за „копање“ на биткоини е премногу голема, па постојат организирани пулови каде што луѓето се натпреваруваат да ископаат попрви, бидејќи кој прв ќе го најде решението тој ја добива наградата. Пуловите се начин да се организира работата, односно секој блок пред да почне да се „копа“ за него се собираат сите информации потребни и тие информации остануваат исти сè додека не се најде решението“, рече Спирковски.
Многумина се прашуваат колку „копањето“ е исплатлива инвестиција и колку е ризична. Меѓу дилемите се цената на струјата, страв од хакирање, цената на опремата, колку се стабилни крипто валутите и какви регулативи ќе се донесат. Спирковски наведува дека условите во државава се погодни за „копање“.
„Освен доколку не сме некој што ги нема потребни информации, ниту пак желбата да ги открие, коишто се јавно достапни на интернет, не би требало да има некакви потешкотии. Предностите се дека Македонија е една од локациите каде што струјата е барем три пати поевтина од другите локации од каде што се „копаат““, рече Спирковски.
Тој додаде дека најчесто „копачите“ ги редистрибуираат своите средства, односно своите профити ги реинвестираат во „копање“. Во однос на ризиците, Спирковски наведува дека еден од нив се смета дека е хакирањето на адресата каде се наоѓаат криптовалутите. Но, според него, хакирањето е апсурдно со техниката автентификација на втор фактор, преку лични кодови кои се добиваат преку мобилна апликација.
„До ден денеска има илјадници луѓе што се збогатиле на база на новите валути. Јас, за жал, не сум еден од нив, колку и да посакувам. Но, дури и јас сум го почувствувал позитивниот ефект на нивното постоење, односно во мојот живот. Можам да кажам со леснотија дека биткоин и етериум ми го промениле животот, што ми овозможиле повеќе услови отколку што ми овозможила локалната средина. Јас не би можел во Македонија да заработам колку што сум заработил соработувајќи со моите партнери во Америка или во Холандија“, рече Спирковски.
Од друга страна, професор Мартин Михајлов, кој предава на Економскиот факултет при УКИМ Скопје и воедно држи курс за биткоини, ги поврзува крипто валутите со интернет револуцијата.
„Па, криптовалутите се една нова и откачена технологија што се труди да го отстрани посредникот од која било меѓусебна комуникација. Начин да се реши проблемот, некој да стои помеѓу нас и конечниот производ и со тоа да овозможи малку поефикасен начин на комуникација и се разбира трансакција“, вели професор Михајлов.
Според него, на овие валути им недостига дигитална инфраструктура за да ја поминат првата фаза и да создадат незамисливи општествени промени. Тој додава дека во првата фаза заменуваме постоечки и познати механизми.
„Кога ќе заврши таа замена, односно барем дел од таа замена, ќе почне да им текнуваат на луѓето и други работи и ќе биде нешто забавно, фантастично, ама уште е тешко да се предвиди“, истакна професорот.
Во однос на регулацијата со крипто валутите, властите сè уште анализираат и бараат соодветно решение. Засега, луѓето имаат одврзани раце при тргувањето, инвестирањето и „копањето“ на криптовалути. Крипто валутите, смета Спирковски, треба да се пофлексибилно регулирани. Според него, тоа треба да е последица на фактот што овие валути засега не се поврзани со една држава.
„Значи, еве ја државата, еве ги криптовалутите, венов дијаграм, нема ништо помеѓу. Значи единственото нешто што не спојува, крипто валута и национална валута, се луѓето. Да се има крипто валута е како да се има прачка злато во својот џеб, колку и да сакаме не можеме да ја јадеме, ама поради некоја причина другите луѓе и даваат вредност. Ние секако во моментот кога треба да јадеме, ќе скршиме дел од прачката и ќе го дадеме за пари“, вели Спирковски.
Професор Михајлов, пак, посочува дека во Македонија не постои закон кој директно се обраќа кон крипто валутите.
„Постои еден закон што е многу стар, кој забранува поседување на сметки во странство на македонски граѓани и забранува тргување на странски берзи на хартии од вредност исто на македонски граѓани. И сега тој закон се интерпетира и формално е кажано од институциите, од релевантните луѓе дека ќе го толкуваат на таков начин, дека ќе ги стават криптовалутите во тој кош. Реално се тргува во Македонија со криптовалути и се „рудари“, се „копа“, и досега не сум слушнал некој да е кривично или прекршочно гонет за тоа. Така што, колку тој закон навистина може да се имплементира е под знак на прашање“, вели професор Михајлов.
Токму затоа што оваа законска рамка е под знак на прашање, Спирковски, кој веќе две години се занимава со крипто валути, вели дека во Македонија постои неформален локален пазар со крипто валути.
„За да купиш или продадеш мораш, барем во Македонија, да најдеш некоја единка којашто е спремна да купи или продаде од тебе. Тоа е всушност целата идеја на берзата, ги спојува луѓето, односно луѓето што сакаат да купат, што сакаат да продадат. Ние во моментов немаме, а и не знаеме точно кога ќе имаме, македонска берза. Сè додека не се добие поддршка од регулаторите, дека тоа е нешто што е поддржано да се направи, нема да го видиме тоа кај нас“, вели Спирковски.
Според професор Михајлов, на светско ниво сите регулатори експериментираат со регулирањето на оваа, како што вели, млада појава и технологија.
„Суштината е дека тоа ќе се даночи, значи ќе има данок на транскација кога се купува или продава криптовалута. Додека понатаму, надвор од данокот или како дополнување или слично, зависи од типот на криптовалута, бидејќи ние ги викаме криптовалути, односно општо прифатено име, ама повеќето немаат никаква врска со валути, немаат никаква врска ни со пари“, вели професор Михајлов.
И Спирковски и професор Михајлов уверуваат дека криптовалутите се релативно лесно достапни за македонските граѓани, така што и бројот на оние што се занимаваат со овие децентрализирани и виртуелни валути се зголемува секојдневно. Народна банка на Република Македонија и останатите институции единствено во неколку наврати предупредија дека овие валути се ризични, бидејќи не се поддржани од национална економија или меѓународна институција.