Просечната нето плата во националниот оператор на пазарот за електрична енергија МЕМО минатата година била 1.500 евра по вработен, што е уште една потврда дека вработените во енергетскиот сектор се едни од најплатените во земјата.

Во извештајот на независните ревизори што е објавен за работењето на фирмата-ќерка на МЕПСО во 2023, изнесено е дека вкупниот трошок за нето плати и персонален данок за вработените изнесувал 22.931.000 денари. Ако се земе официјалната бројка од 19 вработени за минатата година, тогаш излегува дека просечна плата во МЕМО била 90.500 денари.

Инаку и самиот прикажан трошок на МЕМО за нето плати (и персонални даноци) е зголемен за 23 отсто. Во 2023 за оваа ставка се поделиле 375.000 евра, а една година претходно сумата била сведена на 305.000 евра.

МЕМО покрај тоа што во својот делокруг на работа ја организира берзата за електрична енергија, ги распределува средствата за повластените производители од обновливи извори на енергија и го контролира придржувањето на трговците и снабдувачите на струја до своите одговорности, од следната година ќе се стекне со уште една важна надлежност..

Операторот ќе издава гаранции за потекло на електрична енергија со кои индустриските производители ќе докажуваат при царинењето дека користеле струја од обновливи извори на енергија, така што би си ги намалиле ригорозните давачки што ќе ги наметнува Брисел од 1 јануари 2026. Во прашање е механизмот за јаглеродно гранично прилагодување – СВАМ (Carbon Border Adjustment Mechanism (2023/956) кој опфаќа шест категории производи – железо и челик, алуминиум, водород, ѓубрива, цемент и електрична енергија, произведени во трети земји кои треба да се увезат во земја членка на ЕУ.

Инаку, според усвоениот буџет за 2025, на врвот на најплатени во државната управа следната година ќе бидат вработените во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Според предлог-буџетот, кај Министерството за енергетика предвидено е дека бруто просечна плата ќе биде 161.533 денари (2.627 евра). Како нето просечна плата, калкулаторот покажува дека вработените во енергетика ќе земаат 105.628 денари (1.717 евра).

 

Извор: Фактор.мк