Одржана средба по повод завршувањето на Деновите на финансиската писменост
Засилувањето на активностите во сферата на финансиската едукација во земјава веќе дава видливи резултати, особено кај помладата популација којашто покажува зголемен интерес за стекнување знаења од областа на финансиите. Конкретна потврда на тоа, меѓу другото, е и интересирањето на дури 3000 ученици за учество на настаните поврзани со Европскиот квиз на парите коишто беа организирани во земјава и пред сѐ огромниот успех којшто го постигнаа нашите претставници на финалето во Брисел, Викторија Панова и Марко Инѓилизов – освоеното второ место во Европа. Ова беше истакнато на средбата, утрово, организирана во Народната банка, на која меѓу другите присуствуваа и министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерот за образование, Арбер Адеми, по повод завршувањето на годинешното издание на Деновите на финансиската писменост, коешто според степенот на вклученост на граѓаните е најуспешно и најмасовно досега.
Честитајќи им за постигнатиот успех, на средбата, во име на Народната банка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска им даде симболични подароци на двајцата ученици од велешката гимназија „Кочо Рацин“ и на нивниот ментор Марјан Стојановски. Притоа, меѓу другото, таа нагласи дека централната банка секогаш ќе се труди на различни начини да им даде максимална поддршка и поттик на младите луѓе коишто покажуваат интерес за продлабочување на своите знаења од областа на економијата и финансиите.
Кон честитките за Панова и Инѓилизов и нивниот ментор се придружија и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за капитално финансирано пензиско осигурување, Максуд Али и Зоран Колев од Комисијата за хартии од вредност, како и Коста Митровски и Тони Стојановски од Македонската банкарска асоцијација, којашто и го иницира учеството на земјава на Европскиот квиз на парите, со поддршка од Народната банка, Министерството за образование и наука и Комисијата за хартии од вредност. Притоа сите заеднички истакнаа дека вицешампионското место на европско ниво е голем успех за земјава. Ваквите млади луѓе се оние коишто во иднина ќе го дадат својот влог за благосостојбата на нашата економија и сите ние, релевантните институции, имаме обврска да ги поддржиме, порачаа тие.
Во дискусијата во врска со Деновите на финансиската писменост, на денешната средба, беше нагласено дека е значајно што годинава, оваа веќе традиционална манифестација се организира со концепт поразличен од претходните – концепт на отворени врати на регулаторните финансиски институции и на голем дел од приватниот финансиски сектор за сите заинтересирани граѓани. Според првичните согледувања, со таквиот концепт се создаде нова можност, во текот на Деновите, граѓаните непосредно да добијат одговори на поголем број прашања поврзани со финансиите, како и повеќе важни информации коишто ќе им бидат од корист за носење правилни финансиски одлуки. Постигнатата поголема вклученост и на возрасното население во дел од активностите е важен чекор и придонесува за поттикнување и на поголема финансиска инклузија.
Учесниците на средбата во Народната банка нагласија дека успехот на годинешново издание на Деновите на финансиската писменост, и за регулаторните финансиски институции, и за приватниот финансиски сектор ќе биде дополнителен мотив за натамошно заедничко изнаоѓање нови форми и начини за уште поголема достапност за граѓаните, односно уште поекспедитивно одговарање на сите прашања и дилеми на полето на финансиите. Тие искажаа уверување дека така не само што ќе се придонесе за финансиската едуцираност и за финансиската инклузија на популацијата, туку и уште повеќе ќе се зајакне довербата на релацијата граѓанин ‒ институција ‒ приватна финансиска компанија. Таа доверба е клучна за стабилноста на финансискиот систем, чија движечка сила треба да биде и финансиската вклученост на населението.
Во дискусијата беше нагласено и дека од голема важност е што приватниот финансиски сектор секојдневно покажува сѐ поголема подготвеност сериозно да се заложи за финансиско едуцирање и поттикнување поголема финансиска вклученост на населението. Во рамките на годинешните Денови на финансиската писменост, голем дел од приватните финансиски компании отворија информативни пултови во повеќе градови низ земјава, што обезбеди подобар опфат на популацијата со оваа акција.
Прашањата коишто изминативе денови беа упатени до регулаторните институции и до приватниот финансиски сектор ќе бидат од голема корист и за утврдување на некои од натамошните активности за непосредно едуцирање и информирање на популацијата, за да се одговори на сето она што е поврзано со финансиите, а е во фокусот на интересирањето на граѓаните.