Се наоѓаме во крајно турбулентен и непредвидлив период, како за економиите во целина, така и за котираните компании од различни стопански дејности и за берзите на коишто се тргуваат нивните акции, оценува главниот извршен директор на Македонска Берза Иван Штериев.

Почетокот на војната кон крајот на февруари, како што вели во интервју за „Пари”, донесе многу силен удар на сите берзи во форма на значајна надолна ценовна корекција.

-Војните, економски гледано, пред се значат неизвесност, а повеќето проекции и перцепции стануваат негативни. Од тогаш помина повеќе од еден месец и главните светски акциски индекси ја надополнија иницијалната загуба. Слично се случи и кај нас. Но, она што е очигледно е дека цените на берзите стануваат максимално осцилаторни, дека пазарниот сентимент е нестабилен и подложен на лесни и брзи промени на дневно ниво и дека целото окружување е крајно фрагилно, наведува Штериев.

Од друга страна, дополнува, овие состојби предизвикани од војната во Украина само се надоврзаа на претходната неизвесност поврзана со корона вирусот, инфлацијата, каматните стапки, веригите на снабдување, енергетските предизвици и проблемите во економскиот раст, а после вонредно долгиот биков пазар, високите пазарни вреднувања на хартиите од вредност и повеќегодишна монетарна експанзија и државен интервенционизам.

Во оценка за берзанското работење во првиот квартал, тој истакнува дека имајќи ги предвид статистичките показатели во турбулентното окружување во кое работи Берзата, можеме да бидеме повеќе од задоволни. Вкупниот берзански промет по сите основи изнесува 43,3 милиони евра и е речиси идентичен со оној во првиот квартал во 2021 година (регистриран е пораст од 0,45 проценти).

Тој информира дека прометот со акции во БЕСТ системот изнесува 24 милиони евра и е зголемен за над 14 проценти во однос на ланскиот првквартал. И вкупниот број на трансакции е речиси ист оваа година – околу 5,5 илјади. Индексот МБИ10 на квартално ниво бележи многу благ пад од 0,9 прорценти. По месеци ценовните нивоа се движеле од +1,2 роценти во јануари преку -6,5 проценти во февруари до +4,8 проценти во март.

-Очигледно е дека ценовната осцилаторност е нагласено присутна, но тоа секогаш значи и можност за заработки што резултира во високи акциски промети, порачува Штериев.

Како што соопштува, тргувањето со обврзници е намалено за повеќе од две третини. Просечниот дневен промет во БЕСТ системот во овој квартал изнесува околу 440 илјади евра просечно дневно. Од десетте елементи на МБИ10, осум акции во првите три месеци забележале ценовен пад, но сите се со едноцифрена процентуална корекција, додека цените на две акции (Стопанска банка Скопје и Телеком) имаат забележено пораст.

И покрај комплексното окружување за компаниите што се котирани на Берзата, како што вели, 2021 година била многу солидна. Од вкупно 91 друштво што известило 73 оствариле добивка наспроти 66 лани. Вкупната добивка на овие друштва е околу 295 милиони евра наспроти минатогодишната од 240 милиони, што е пораст од значајни 22,8 проценти.