Седум држави на Европската Унија влегоа во рецесија, бидејќи според податоците на Еуростат, кои денес ги пренесе Монстат, имаат два последователни квартали со пад на економијата.
Во вториот квартал оваа година (април, мај, јуни) 12 од 27 членки на ЕУ забележале пад на економските активности (БДП), а од нив седум имале пад и во првиот квартал. Меѓу државите кои имаат формална рецесија се и најголемата европска економија Германија, како Финска, Ирска, Чешка, Полска, Унгарија и Естонија.
Освен овие седум држави пад на економијата во вториот квартал имале Холандија, Летонија, Австрија, Шведска и Луксембург.
Вкупниот раст на економијата на ниво на сите членки на ЕУ во вториот квартал изнесувал нула отсто, додека во првиот квартал постоел раст од 1,1 отсто, што е значително успорување на европската економија.
Поради стравот од можна рецесија, Европската централна банка (ЕЦБ) минатата недела соопшти дека повеќе нема да ја зголемува референтната каматна стапка, односно дека нејзиното зголемување за септември е последно. ЕЦБ сега повеќе ја загрижува опасноста целата еврозона да влезе во рецесија, отколку инфлацијата, поради која и ги зголемија каматните стапки, да го продолжи растот.
Најавено е разгледување нови мерки кои би требало да го поттикнат растот на ЕУ економијата, а да не влијаат на продолжување на растот на инфлацијата.
Во вториот квартал најголем раст на економијата од членките на ЕУ, кандидатите за членство и останатите држави на европскиот континент, имала Црна Гора и тоа за 6,9 отсто. По неа следи Исланд со 4,5 отсто, Малта со 3,9 отсто, Турција со 3,8 отсто, Грција со 2,9 отсто…
Од земјите во регионот, по Црна Гора, најголем раст имале Хрватска од 2,7 отсто, Србија со 1,7 отсто и Словенија со 1,4 отсто. Албанија, БиХ и Косово ги нема во статистиката на Еуростат.