Европската комисија предлага да се прекине бизнисот во секторот на недвижности со руски граѓани, жители и деловни субјекти.

Мерката е дел од шестите пакет-санкции на ЕУ против Русија, објави агенцијата „Блумберг“ повикувајќи се на увидот во официјалните документи.

Наводно, ќе се забрани директна или индиректна продажба или пренос на „сопственички права на недвижен имот лоциран на територијата на Унијата или во организациски делови на заеднички инвестициски потфати, кои вклучуваат изложеност на таков недвижен имот“, известува „Раша тудеј“ (РТ).

Забраната се однесува на Русите кои не се државјани на ЕУ и немаат дозвола за престој во земјите членки на Унијата, се наведува во извештајот. Тоа не се однесува на оние што имаат државјанство или престој во европската економска област или Швајцарија.

ЕУ, САД и некои други земји воведоа неколку економски санкции без преседан на Москва поради нејзината воена операција во Украина.

Оттогаш илјадници руски поединци во тие земји се санкционирани, а нивниот имот и пари се запленети или замрзнати, додаде РТ.