Богатството на супербогатите во светот расте сe побрзо, покажа студијата објавена денеска од меѓународната организација Оксфам пред Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос.

Според извештајот, во 2024 година имало 2.769 милијардери ширум светот, што е зголемување за 204 во споредба со претходната година.

Во исто време, бројот на луѓе кои живеат под прагот на сиромаштија на Светска банка стагнира, а бројот на луѓе кои гладуваат се зголемува.

Оксфам предвиде дека ќе има најмалку пет билионери ширум светот за една деценија од сега.

Извештајот на Оксфам се заснова на податоци од извори, вклучително и проценки за богатството на милијардерите направени од американскиот бизнис магазин „Форбс“ и податоци од Светската банка.

Според извештајот, богатството на милијардерите се зголемило од 13 трилиони долари на 15 трилиони долари само во 2024 година ширум светот, што е стапка на раст три пати поголема од претходната година.

Во просек, богатството на еден милијардер се зголемувало за два милиони долари дневно. Најбогатите 10 милијардери станаа побогати во просек за 100 милиони долари дневно. Дури и да загубат 99 отсто од своето богатство преку ноќ, тие сепак ќе останат милијардери, велат од Оксфам.

Извештајот, исто така, истакна дека изворот на 60 отсто од богатството на милијардерите е „наследството, монополската моќ или блиските врски“. Во светот, 36 отсто од богатството на милијардерите е добиено од наследство, според пресметките на Оксфам.

Ова е уште поизразено во Европската унија, каде што 75 отсто од богатството е незаработено, а 69 отсто од богатството доаѓа само од наследство.