Глобалната потрошувачка на вино минатата година падна на најниско ниво од 1996 година, бидејќи инфлацијата ги придвижи цените на рекордно високо ниво и ги одби потрошувачите кои веќе се борат со помалата куповна моќ, соопшти Меѓународната организација за вино (OIV) со седиште во Париз.
Тие процениле дека светската потрошувачка во 2023 година била 221 милион хектолитри (mhl), што е намалување за 2,6 отсто во однос на 2022 година и 7,5 отсто во однос на 2018 година, пренесува Ројтерс.
Во оваа организација сметаат дека геополитичките тензии, особено војната во Украина и енергетската криза, заедно со прекините во глобалниот синџир на снабдување, имаат најголемо влијание врз ваквата состојба на пазарот. Ова доведе до повисоки трошоци за производство и дистрибуција, што значително ги зголеми малопродажните цени на виното и ја намали вкупната побарувачка.
Според извештаите, минатогодишниот пад на побарувачката бил особено изразен во Кина, а бил проценет на минус 25 отсто.
Како што е објаснето, падот на производството е резултат на лошото време, раниот мраз, обилните врнежи од една страна и сушата од друга страна и придружните габични заболувања, како на северната така и на јужната хемисфера.
Агенцијата потсетува дека Италија произвела 38,3 милиони хектолитри вино, што е најниско од 1950 година, т.е. пад од повеќе од 23 отсто во однос на претходната година, со што се губи позицијата водечки производител, која сега ја презеде Франција.