Вкупните кредити во јули годинава забележале месечно намалување од 0,2 проценти, при што кај домаќинставата се зголемени за 0,4 проценти, а кај корпоративниот сектор се намалени за 0,9 проценти. Годишниот пораст на кредитите e 5,8 проценти, под влијание на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поголем придонес на сектор домаќинства, информираше Народна банка (НБ).
Во јули годинава кредитите на домаќинствата се повисоки за 0,4 проценти во однос на претходниот месец, во поголем дел поради зголеменото кредитирање во денари, при позитивен придонес и на кредитите во странска валута. Во споредба со јули 2022 година, кредитите на домаќинствата забележале раст за 6,4 проценти, којшто во услови на раст на кредитите во денари и во странска валута, во поголем дел се должи на растот на кредитите во странска валута.
Во јули, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечен раст од 0,5 проценти, соодветно, при годишен раст од 6,2 проценти и 11 проценти, соодветно. Автомобилските кредити, во јули, се зголемени за 3,9 проценти и 14,8 проценти, соодветно на месечна и годишна основа, додека кредитите одобрени на кредитни картички остварија месечен и годишен пад од 0,2 проценти и 1,6 проценти, соодветно. Овој месец, негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи забележаа месечно намалување од 1,5 проценти и 0,6 проценти, соодветно, како и годишен пад од 2,8 проценти и 17,5 проценти, соодветно.
Народна банка (НБ) информира дека месечното намалување на кредитите на корпоративниот сектор од 0,9 проценти е под влијание на падот на кредитите во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во странска валута. Годишниот раст, како што информира НБ, изнесува пет проценти и се должи на зголемените кредити во денари и во странска валута, со поголем придонес кон растот на кредитите во странска валута.
Монетарните движења во државава за јули годинава на централната банка покажуваат дека кај паричната маса (монетарниот агрегат М3 1,2) е забележан месечен раст од 0,2 проценти којшто е резултат на зголемувањето на краткорочните депозити и готовите пари во оптек, во услови на пад на долгорочните депозити до две години и депозитните пари. На годишна основа, паричната маса оствари раст од 8,6 проценти во најголем дел поради повисоките депозитни пари, при дополнителен позитивен придонес и на краткорочните депозити, долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек.
Во јули, вкупните депозити се зголемени за 0,5 проценти на месечна основа, поради растот на депозитите кај двата сектора, којшто е поизразен кај корпоративниот сектор. Годишниот раст на вкупните депозити од 11,1 процент се објаснува со зголемувањето на депозитите на двата сектора, со малку поизразен придонес на секторот домаќинства.
Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во јули, се зголемиле за еден процент на месечна основа како резултат на растот на краткорочните депозити во денари и во странска валута, а во помал дел и на долгорочните депозити во денари, во услови на забележан пад на долгорочните депозити во странска валута и депозитните пари. Во однос на истиот месец минатата година, депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 18,9 проценти, поради растот на сите компоненти, со најголем придонес на депозитните пари и вкупните краткорочни депозити.
Депозитите на домаќинствата, пак, во јули бележат месечен раст од 0,1 процент. Минималната позитивна промена се должи на зголемените долгорочни депозити во странска валута и во денари, во услови на забележан пад кај останатите компоненти. Анализирано на годишно ниво, овие депозити се повисоки за 8,4 проценти под влијание на растот на депозитните пари и вкупните долгорочни депозити, при остварен пад на краткорочните депозити.