Индустриското производство во јуни годинава во однос на јуни лани е зголемено за 3,7 отсто, додека во периодот јануари – јуни 2023 година, споредено со истиот период од минатата година бележи пораст од 1,5 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јуни 2023 година, во однос на јуни 2022 година, бележи опаѓање од 1,6 проценти, а пораст во секторите Преработувачка индустрија од 1,4 проценти и во Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 39,9 проценти.
ДЗС посочува дека зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во одделите: Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на други неметални минерални производи, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Производство на мебел.
Според главните индустриски групи, производството во јуни 2023 година, во однос на јуни 2022 година, бележи пораст кај Енергија за 17,7 проценти и Капитални производи за 15,6 проценти, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 1,4 проценти, Трајни производи за широка потрошувачка за 7,2 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за еден процент.