Според измените на Законот за јавни претпријатија „надоместокот за членовите на управните одбори нема да може да биде поголем од половина од просечната плата на вработените во одреденото јавно претпријатие.
Им се бројат деновите на членовите во управните одбори на јавните претпријатија кои можеа да земаат надоместоци, дури и повисоки од платата на претседателот на државата. Според измените на Законот за јавни претпријатија „надоместокот за членовите на управните одбори нема да може да биде поголем од половина од просечната плата на вработените во одреденото јавно претпријатие, а надоместокот за членовите на надзорниот одбор нема да може да биде поголем од една третина од просечната плата на вработените во тоа претпријатие“.
Овој закон беше изгласан во Парламентот на 5 април, но според одредбата со која се определува дека ќе се применува 3 месеци по влегувањето во сила, правниците пресметаа дека законски неговата примена почнува од 19-ти јули. Владата го најавуваше новото законско решение „на голема врата“ како една од мерките од Планот за борба против корупцијата донесен на предлог на тогашниот вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Дека се уште има огромни надоместоците на членовите од управниoт одбор, деновиве потврди и премиерот Димитар Ковачевски.
– Имаме јавни претпријатија во кои членови на управен одбор имаат поголеми плати од претседател на држава и 20-30 години никој тоа не го погледнал – изјави премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
„Слободен печат“ праша во Кабинетот на претседателот, колкава е платата на претседателот Стево Пендарoвски, а одговорот што го добивме е дека неговата нето-плата, задно со минатиот труд изнесува 92.941 денари.
Јавните претпријатија пак, се често мета на критики во јавноста во однос на лошата финансиска состојба од една страна и големи надоместоци што се исплаќаат на бројни членови на управни и надзорни одбори.
Според изменетиот Законот за јавни претпријатија се намалува бројот на членови во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија. Така, од 19-ти јули важат одредбите според кои управниот одбор на јавното претпријатие основано од Владата, Градот Скопје и општина во која живеат над 50.000 жители, како и управниот одбор на меѓуопштинско јавно претпријатие се состои од 7 членови, а ако се помалку од 50.000 жители, тогаш се состои од 5 членови. Членовите на управниот одбор на јавното претпријатие ги именува, односно разрешува основачот на јавното претпријатие. За член на управниот одбор на јавното претпријатие може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови: да е државјанин на Република Северна Македонија, да има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование и во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија. Притоа најмалку по еден члeн треба да имаат тригодишно искуство за финансиски, за правни и за технички работи.