Нова современа фабрика за производство на композитни производи наменети за армијата и полицијата во делот на балистичката заштита и безбедност – АТС Груп е отворена денеска во индустриската зона Визбегово кај Скопје. Станува збор за гринфилд инвестиција од три милиони евра која за почеток овозможува вработување на 80 лица.
Сопственикот на објектот Шевшет Демировски, кој по повеќедецениска работа во странство одлучил да инвестира во земјава, истакна дека објектот што е дел од АТС групацијата, е гринфилд инвестиција опремена со современи машини од најновата генерација за автоматско производство кое ќе гарантира висок квалитет според НАТО стандардите. Годишниот обрт на производство на компанијата очекува да изнесува 30 милиони евра. Финалниот производ е наменет за извоз на странските пазари пред се во Европа, Турција и Катар. За почеток се вработени 80 работници, а најави и нови дополнителни инвестиции од околу 800 илјади евра.
Премиерот Зоран Заев истакна дека Владата силно го поддржува бизнис секторот, потенцирајќи дека новата фабрика е извозно ориентирана.
„Нашата земја со извесното членство во НАТО на крајот од годината се препознава како стабилна и сигурна бизнис дестинација. Силно ги поддржуваме новите инвестиции и ќе продолжиме да го правиме тоа и во иднина. Фокусот на Владата компелтно е на поддршка на домашните и странските инвестиции. Извозната активност на компаниите се зголемени и тоа е знак дека економијата силно се раздвижува. За периодот јануари-мај оваа година извозот бележи раст од 14,7 проценти, а за истиот период лани изнесувал околу 15 проценти. Задоволни сме што фабриката која денеска ја отвораме е целосно извозно оринетирана и со тоа ќе партиципира во растот на домашната економија“, рече Заев.
Тој изрази благодарност за донацијата од страна на АТС Груп во вредност од 50 илјади евра за Министерството за внатрешни работи, како и донациите што ќе ги додели на Управата за финансиска полиција и Казнено поправната установа Скопје.
Премиерот Заев воедно информира дека се работи на унапредување на условите за инвестирање во зоната Визбегово, во тек е изградба на водоводна мрежа од 7.300 метри, како и тендер за изградба на канализациска мрежа од 5.300 метри, проекти што се спроведуваат заедно со матичните општини.
Министерот за економија Крешник Бектеши изрази задоволство што политиките на Владата ги олеснуваат условите за инвестирање во земјата. Тоа, посочи, е потврдено со последните податоци кои покажуваат дека во континуитет имаме зголемување на извозот и на странските директни инвестиции. Го нагласи и фактот дека во најкус рок заедно со министерствата за внатрешни работи и за одбрана излегле во пресрет на барањата на инвеститорот за стартување на овој производствен објект.