Во вторник ново задолжување од 67 милиони евра

2019-11-16 13:29

Владата на 19-ти месецов повторно ќе се задолжи преку нова најавена аукција на државни хартии од вредност од 4.100.000.000 денари, односно околу 67  милиони евра.

Ова е едно од низата на задолжувања кои ги прави владата и Министерството за финансии додека економијата тоне. Имено, експертската јавност континуирано предупредува за зголемувањето на јавниот долг кој достигна над 50 % од БДП што е алармантно додека со позајмените пари воопшто не се градат стратешки проекти кои се од долгорочен интерес на државата.

Дополнително, реализацијата на капиталните проекти изнесува очајни нешто над 30 % заклучно со месец септември што според економистите е катастрофална бројка токму поради фактот што задолжувањата се огромни додека капиталните инвестиции се на очајно ниво и се поставува прашањето на што се трошат позајмените пари.

Ова според експертите исто така има негативно влијание врз градежништвото кое е во континуиран пад а кое е тесно поврзано со растот на БДП бидејќи градежништвото е главен учесник во градењето на БДП. Со вакви економски параметри познавачите сметаат дека тешко ќе се исполни овогодинешната проекција за БДП.