Извозот на зимската зелка веќе започнува иако во моментов нема доволни количини. Се очекува за 10-15 дена да излезат и другите сорти зелка, но треба да се има предвид дека производството во споредба со лани е многу намалено.

-Ќе се постигне добра цена на откуп на зимската зелка, засега е 15 денари и без проблем ќе стаса до 20 денари, вели Блажо Витанов, менаџер за продажба на „Император фрут“.

Причината за недостигот на зимска зелка може да се лоцира во стратегијата на садењето на земјоделските култури. Повеќето од помалите производители се фокусираат на садење две култури, но ако се случи во една година некоја култура да потфрли веќе следната година луѓето садат нешто друго. За разлика од зимската зелка, годинава пролетната зелка, која за десетина дена ќе биде извадена од под пластениците е застапена за 30 отсто повеќе од лани.

-Најголемиот проблем во моментов е што нема кој да работи во земјоделието. Ако лани дневниците за работниците беа 500-600 денари, сега се 1000-1200 денари и повторно нема кој да работи, вели Витанов.

За доматите и краставиците Витанов вели дека немаме наше пластеничко производство и дека овие земјоделски производи ги увезуваме, па затоа продажните цени се високи. Но, и домашното производство што треба да излезе на пролет ќе биде со намалени количини.

-Доматите се скапа култура за производство, се произведуваат од семка и во целиот процес има многу инвестиции и ризици. Само производството на килограм домат го чини земјоделецот 25 денари. Затоа со години наназад се намалуваа произведените количини, вели Витанов за „Слободен печат“.

Поради овие причини потребите на домашниот пазар се задоволуваат со увоз, најмногу од Албанија затоа што поради меѓудржавни договори при увозот нема други давачки освен ДДВ. За разлика од увозот од Албанија, давачките за увоз од ЕУ, пред сѐ од Грција, се околу 25 денари по килограм.

Зголемувањето на цената на енергенсите, пред сѐ нафтата, нема да влијае на пластеничкото производство затоа што кај нас пластениците главно се загреваат на дрва, но ќе влијае на цената на производите кај производителите кои садат на големи површини кои неколкупати треба да се ораат и обработуваат.

 

Извор: Слободен Печат