На Волстрит, акциите нагло пораснаа вчера бидејќи побавниот од очекуваниот раст на цените на производителите во САД ги поддржа надежите на инвеститорите дека ФЕД наскоро ќе почне да ги намалува каматните стапки. Индексот Dow Jones зајакна за 1,04 отсто, на 39.765 поени, додека S&P 500 порасна за 1,68 отсто, на 5.434 поени, а индексот Nasdaq за 2,43 отсто, на 17.187 поени.

Растот на индексот беше поттикнат од подобри од очекуваните податоци за цените на производителите. Во јули овие цени се зголемени за 0,1 отсто на месечно ниво, додека на годишно ниво се зголемени за 2,2 отсто, значително побавно од 2,7 отсто во јуни.

Ова укажува на релаксација на инфлаторните притисоци, со што се отвора простор за американската централна банка да ги намали каматните стапки. Како резултат на тоа, пазарот проценува дека има околу 55 отсто шанси ФЕД да ги намали каматните стапки за 0,50 процентни поени во септември, во споредба со помалку од 50 отсто пред извештајот за цените на производителите.

„Извештајот за цените на производителите покажува дека Банката на федерални резерви направи одлична работа за намалување на инфлацијата и наскоро би можело да дојде намалување на каматните стапки. Но, поважниот извештај за потрошувачките цени ќе биде објавен во среда. Секој број може да има големо влијание врз насоката на пазарот. “, вели Мајкл Џејмс, директор во Wedbush Securities.

Аналитичарите анкетирани од Ројтерс проценуваат дека потрошувачките цени се зголемиле за 0,2 отсто на месечна основа во јули, додека годишната стапка на инфлација би можела да остане на 3 отсто. Доколку податоците за потрошувачките цени се подобри од очекуваното, пазарот може дополнително да се зголеми.

Доколку се послаби од очекуваното, пазарот може да се најде под притисок бидејќи тоа би значело дека поради високата инфлација, ФЕД нема да може да ги намали каматните стапки толку брзо како што се надеваат инвеститорите. Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи.

Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,30 отсто, на 8235 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,48 отсто, на 17.812 поени, а париски CAC 0,35 отсто, на 7275 поени.