Од први јануари за постаро возило со пониски еколошки стандарди ќе се плаќа повисок данок. Новиот Закон за данок на моторни возила во среда влегува во собраниска процедура. Со Законот се предвидува наместо акциза, во иднина при увоз на автомобили да се плаќа данок. Скалата со која досега се утврдуваше висината на давачката при увоз ќе остане иста, единствено ќе има поголема давачка во зависност од просечната емисија на јаглерод диоксид, СО2.

Закон за данок на моторни возила:

Данокот на моторните возила се пресметува врз основа на податокот за износот на просечната емисија на јаглерод диоксид – СО2 изразен во грам по километар, податокот за износот на 1 грам јаглерод диоксид – СО2 за соодветна категорија во зависност од видот на горивото кое се користи за погон на возилото искажан во денари, податокот за продажната вредност на возилото без вкучен данок на додадена вредност или при увоз податокот за цариската вредност на возилото утврдена согласно царинскте прописи.“

За тоа колку ќе треба да плаќаат увезените возила кои не ги исполнуваат еколошките стадарди ќе се знае по донесување на Законот во Собрание. Тогаш ќе треба Царинската управа да донесе правилник, врз кој ќе ја утврди висината на давачката. Законот предвидува патничките возила за превоз на осум или девет патници, амбулантните возила, возила за превоз на починати лица и олд тајмер возилата да бидат ослободени од плаќање на данок.

Владата овој Закон го најави како мерка во борбата со аерозагадувањето и стимул за замена на возниот парк. Последните податоци од цариската управа покажуваат дека лани година биле увезени 37.000 возила. Од вкупниот број увезени возила 88 отсто биле автомобили постари од 10 години, а од нив речиси 90 отсто биле дизел возила.